Како ќе се одвива наставата во високото образование за 5 години?

Како ќе се одвива наставата во високото образование за 5 години?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 2025 година високото образование ќе биде хибрид од учење со физичко присуство и онлајн, покажува ново истражување на Ипсос за Светскиот економски форум.

Додека вториот бран на коронавирусот почна да се шири во октомври, повеќе од 27.500 возрасни лица во 29 земји биле запрашани како го замислуваат високото образование во нивната земја за пет години. Речиси три четвртини (72 отсто) од испитаниците рекле дека високото образование во нивната земја ќе се одвива онлајн барем толку колку што ќе се одвива со физичко присуство, ако не и повеќе.

Пандемијата погоди стотици илјади ученици и студенти годинава, откако училиштата и универзитетите мораа да се затворат и да усвојат измешани стратегии за учење, во кои се вклучува и онлајн и учење со физичко присуство.


Фото: Ipsos/WEF

Едно од четири, односно 23 отсто од испитаните возрасни лица веруваат дека високото образование претежно ќе се префрли онлајн, додека околу половина (49%) сметаат дека ќе се подели меѓу учење онлајн и со физичко присуство. Само 29 отсто мислат дека ќе се одвива само или претежно со физичко присуство.

Речиси половина од испитаниците од Кина (48%) и од Јапонија (47%), каде што имаше релативно мал број заразени со коронавирус, сметаат дека традиционалното учење со физичко присуство сè уште ќе биде присутно.

Но, само една третина од возрасните во Индија (31%), земја која се најде на второто место според бројот на заразени, и помалку од една петтина од возрасните во Бразил (18%), трета на листата по бројот на случаи, сметаат дека високото образование ќе се одвива со физичко присуство.


Фото: Ipsos/WEF

Со испитувањето биле забележани различни гледишта за вредноста на високото образование во кое наставата се одвива со физичко присуство.

Во просек, во сите 29 земји што биле опфатени нешто повеќе од половина, односно 53% се согласиле дека високото образование во кое наставата се одвива со физичко присуство вреди, додека повеќе од една третина, односно 36%, не се согласуваат со тоа.

Најсогласни се жителите на Кина (81%), Шведска (78%), Саудиска Арабија (69%), Индија (68%), Холандија (64%), Малезија (63%), Сингапур (62%), и Германија (61%). Истовремено, во Чиле (59%), Италија (57%), Русија (51%), Бразил (51%) и Јужна Кореја (51%) повеќе од половината од испитаните возрасни лица сметаат дека високото образование во кое наставата се одвива со физичко присуство не вреди.

Глобално, мажите на возраст од 50 до 74 години (55%) и оние со универзитетска диплома (59%) е особено веројатно да се согласат дека физичкото присуство во високото образование вреди.

Извор: World Economic Forum
Насловна фотографија: Freepik