Јенсен Хуанг, извршен директор на „Нвидија“: Кинезите можат да изградат болница за еден викенд

Јенсен Хуанг, извршен директор на „Нвидија“: Кинезите можат да изградат болница за еден викенд

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Извршниот директор на американската компанија „Нвидија“, Јенсен Хуанг, предупреди дека САД ризикуваат да заостанат зад Кина во клучните области за инфраструктурата за вештачка интелигенција – брзината на изградба и националниот енергетски капацитет.

Иако САД имаат предност во дизајнот и производството на чипови со вештачка интелигенција, во неодамнешниот разговор со Џон Хамре, претседател на Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС), Хуанг истакна дека Кина може да изгради големи проекти со неверојатна брзина.

- Ако сакате да изградите центар за податоци во Соединетите Држави, веројатно ќе бидат потребни околу три години од темел до пуштање во употреба на суперкомпјутерот со вештачка интелигенција. Тие можат да изградат болница за еден викенд - рекол извршниот директор на „Нвидија“.


Работи што „немаат смисла“

Хуанг, исто така, го поставува прашањето дали САД ги имаат неопходните енергетски ресурси за да ги задоволат растечките барања за високото ниво на компјутерско пресметување. Неговите забелешки доаѓаат во време кога операторите на центри за податоци очекуваат голема експанзија низ САД, со милијарди инвестиции што се очекува да поттикнат брз раст на работното оптоварување со вештачка интелигенција.

- Кина има двојно повеќе енергија од нас како нација, а нашата економија е поголема од нивната. Тоа не ми е логично. Енергетскиот капацитет на Кина продолжува да расте праволински, додека американскиот останува релативно непроменет - додал тој.

И покрај предизвиците со инфраструктурата што ги наведе, Јенсен нагласи дека САД имаат јасна предност во технологијата на чипови со вештачка интелигенција. Тој изјави дека „Нвидија“ е „генерации понапред“ од Кина во процесите на дизајнирање и производство, што ја формираат основата на современите системи со вештачка интелигенција. Сепак, тој додава дека секој што мисли дека Кина не може да произведува, ја пропушта големата идеја.

Колкава е просечната цена на еден центар за податоци?

„Нвидија“ е само една од големите технолошки компании што инвестираат вртоглави суми во изградба на центри за податоци во САД, што, како што проценуваат експертите, би можеле да достигнат над 100 милијарди долари само во следната година.

Раул Мартинек, извршен директор на „Дата банк“, компанија која склучува договори со технолошки гиганти за изградба на центри за податоци, вели дека просечната цена на еден центар за податоци е од 10 до 15 милиони долари по мегават (MW), а типичен помал центар за податоци бара 40 мегавати.

Извор: gradnja.rs

Фото: YouTube screenshot/Freepik