Витлеем осветлен пред Божиќ, првпат од почетокот на војната во Газа

Витлеем осветлен пред Божиќ, првпат од почетокот на војната во Газа

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во текот на двете години од војната во Газа сите јавни божиќни прослави беа откажани во Витлеем, на окупираниот Западен Брег, каде што, според христијанското верување, се родил Исус.

По неодамнешниот договор за прекин на огнот, светиот град одлучи прославата да се одржи оваа година, што беше симболично најавено со палење на светлата на традиционалната џиновска божиќна елка пред Црквата на Христовото раѓање.

- Две лоши години тишина: нема Божиќ, нема извршување работи, работни места. Живееме од туризам, а немаше туризам - истакнал Махер Канавати, градоначалникот на Витлеем.

Градоначалникот признава дека враќањето на божиќната прослава е придружено со одредени контроверзии бидејќи луѓето во Газа продолжуваат да страдаат, вклучително и малата христијанска заедница каде што многумина имаат роднини во Витлеем.

- Некои би можеле да кажат дека не е учтиво, други ќе кажат дека е. Но, длабоко во себе чувствувам дека ова е правилното нешто што треба да се направи бидејќи Божиќ никогаш не треба да се запре или откаже. Ова е зрак на надеж за нас - вели Канавати.

Мештаните, и христијани и муслимани, застануваат да се фотографираат пред елката украсена со црвени и златни топки. Ним им се придружуваат неколку странски туристи. Шарени светилки ги красат улиците, а може да се видат и реклами за божиќни базари и детски забави.

Хотелите, кои беа претежно празни во претходните две години, годинава очекуваат Палестинци од Израел и странски посетители.

Продавниците за сувенири низ Витлеем се претежно празни, а пред Црквата на Христовото раѓање, која датира од четвртиот век, туристичките водичи стојат без работа. Пред војната во Газа имало многу луѓе на ова место.

Туристичкиот водич Хамза е загрижен бидејќи мисли дека поради медиумското известување, луѓето веруваат оти ситуацијата е сè уште опасна. Но, тој смета дека е безбедно.


- Ова е туристички град, без туризам нема живот. Се надеваме дека луѓето ќе дојдат кај нас: од Европа, од Блискиот Исток, од Америка. Почнавме со палење на светлата на елката и сега чекаме - вели Хамза.

Во последните две години невработеноста во Витлеем вртоглаво се зголеми. Од нападот на Хамас во октомври 2023 година, кој ја предизвика војната, на десетици илјади палестински работници од Западниот Брег им е забранет влез во Израел и неговите населби за работа.

Палестинската самоуправа (ПА), која управува со Западниот Брег, во меѓувреме им исплатила само половина од платите на државните службеници. ПА се потпира на даночните приходи собрани од Израел, кои ги задржуваат израелските власти, во вкупен износ од 1,76 милијарди долари, според Агенцијата за трговија и развој на Обединетите нации. Израел вели дека го задржува овој износ затоа што Палестинската самоуправа им плаќа на палестинските затвореници за да ги охрабрува нападите врз Израелците.

Тешката економска ситуација значи дека за многу палестински христијани ова ќе биде скромно божиќно искуство. Иако тензиите остануваат високи во целиот регион, луѓето во Витлеем велат дека се молат за мир и се надеваат дека туристите ќе се вратат на местото од каде што се верува дека потекнува Божиќ.

Извор: bbc.com/serbian

Фото: YouTube screenshot