Индиски научници го негираат Ајнштајн

Индиски научници го негираат Ајнштајн

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Одредени индиски академици се појавија на годишниот Индиски научен конгрес и ги отфрлија општоприфатените научни откритија, инсистирајќи дека древните Хиндуси всушност го измислиле истражувањето на матичните клетки.

Некои индиски академици на конгресот ги отфрлија наодите на Алберт Ајнштајн и на Исак Њутн.

Хиндуистичката митологија и религиозните теории сѐ повеќе стануваат дел од дневниот ред на конгресот. Меѓутоа, изјавите што оваа година ги дадоа научниците се особено смешни.

Конгресот беше отворен од страна на премиерот Наренда Моди.

Директорот на јужниот индиски универзитет цитираше стар хиндуистички текст како доказ дека истражувањето на матичните клетки е откриено во Индија пред илјадници години.

Џи Нагешвар Рао, потпретседател на Универзитетот „Андра“, истакна и дека демонскиот крал од хиндуистичкиот еп „Рамајана“ имал 24 различни летала и повеќе писти за слетување во денешна Шри Ланка.

Друг научник од универзитет во јужната сојузна држава Тамил Наду, пак, истакна дека Исак Њутн и Алберт Ајнштајн грешеле и дека гравитационите бранови треба да се преименуваат во „Наренда Моди бранови“.

Доктор Кеј-Џеј Кришнан наводно рекол дека Њутн не ги разбрал силите на гравитацијата, а дека теориите на Ајнштајн се лажливи.

Критичарите велат дека древните текстови треба да се читаат и да се ужива во нив, но дека е бесмислено да се тврди дека тие се научни откритија.

indija

Здружението на индискиот научен конгрес изрази сериозна загриженост поради критиките.

- Ние не ги делиме нивните ставови и се оградуваме од нивните коментари. Тоа е навистина тажно. Сериозно сме загрижени поради таквиот вид изјави што ги даваат одговорни лица - истакна Применду Пи Матур, генерален секретар на Здружението на научниот конгрес на Индија.

Но, ова не е првпат од Индија да стасуваат вакви изјави.

Во 2017 година индискиот министер за образование, Сатијапал Синг, на една церемонија изјави дека авионите првпат се споменати во епот Рамајани. Тој рече и дека првиот авион го измислил Индиецот Шивакар Бабуџи Талпаде, осум години пред браќата Рајт.

Индискиот премиер Наренда Моди во 2014 година пред медицински персонал во болница во Мумбај рекол дека приказната за хиндуистичкиот бог Ганеш - кој се претставува со глава на слон и човечко тело - покажувала дека козметичката хирургија постоела во античка Индија.

Во 2017 година министерот за образование на западната сојузна држава Раџастан рекол дека е важно да се разбере научната важност на кравата, тврдејќи дека тоа е единственото животно на светот што вдишува и издишува кислород.

Геологот Ашу Косла, пак, во една пригода изјави дека хиндуистичкиот бог Брама ги открил диносаурусите.

Законодавецот Рамеш Покхријал Нишанк ја вознемири јавноста во 2014 година кога рече дека науката е џуџе пред астрологијата. Тој додаде дека астрологијата е најголема наука и дека Индија вршела нуклеарни тестови пред повеќе од 100.000 години.