Наставници критикуваат дека реформите се прават набрзина. Не брзаме, туку доцниме, одговори Царовска

Наставници критикуваат дека реформите се прават набрзина. Не брзаме, туку доцниме, одговори Царовска

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Некои од наставниците што учествуваа на онлајн-дебатата оценија дека реформите се прават набрзина, како и дека не е доволно истражувано околу моменталните состојби во образованието, иако се согласни дека промени во системот се неопходни

„Концепција или Реформи во образованието“ е името на втората онлајн-дебата во која учествуваа професори и наставници, како и министерката Мила Царовска и Митко Чешларов од Бирото за развој на образованието. Наставниците ги изнесоа своите забелешки околу новата концепција за основното образование, која ја најавија надлежните.
Некои од нив оценија дека реформите се прават набрзина, како и дека не е доволно истражувано околу моменталните состојби во образованието, иако се согласни дека промени во системот се неопходни. Наставниците ги прашуваа надлежните како ќе изгледаат часовите, се интересираа за наставните подрачја и за споените предмети.

Ни требаат пари за материјали и поттик за децата-таленти

Наставничка по ликовно образование кажа дека кога веќе било најавено дека се намалува бројот на часови, тоа, според неа, по автоматизам би значело губење на авторитетот и значењето на самиот предмет.
- Со таков намален авторитет, се прашувам дали воопшто ќе има заинтересираност и за изборните предмети. Ние како наставници по ликовно сме имале слобода за креирање на програмите, не ни недостига тоа. Би ни значело да ни се врати бројот на часови во редовната настава. И друго, ние за основни работи немаме средства, кои се примарни, а не пак за ваков нов модел на работа, што е уште повеќе од она основното што го немаме, а не сме во можност сами како единки да го обезбедиме - рече наставничката.
Во однос на уметничкото образование, наставниците рекоа дека наместо да им се понуди понапредна програма со која ќе напредуваат подобрите и поталентираните деца, со новата концепција тие ќе тапкаат в место.

Царовска: Три милиони потрошивме за Кембриџ, а квалитет немаме

Министерката Царовска кажа дека исти заклучоци како наставниците има и МОН, а тоа е дека итно се потребни реформи.



- Треба да се насочиме кон критичко размислување, да им дадеме автономија на наставниците во однос на креирањето на програмите. Секое дете треба да има право на образование. За образование имаме целосни податоци кои се дел од бази и за тоа не ни е неопходен попис во државата. Ова е концепт кој секаде се однесува на модели на учење и тој концепт покажува кој е начинот на кој нашите ученици треба да учат, а го креираат психолози и педагози. Потранспарентен процес не сум сретнала во последните 10 години. Три милиони евра се потрошија за „Кембриџ“, а за тие пари не добивме квалитет. Дискутираме со сите засегнати, но сепак најрелевантни за одлучување околу концептот се педагози и психолози. За програмите ќе бидат консултирани стручни лица. Кога ќе зборуваме за општествени науки, природни науки, и вие ќе бидете вклучени во подготовка на програмите - им рече Царовска на наставниците.

Таа објасни дека со изборните предмети ќе се даде слобода и поголема важност на уметноста и на музиката. Смета дека досега не е дадена вредност и акцент на уметноста, ниту пак училиштата се опремени.

- Затоа влегуваме во цела програма за опремување на кабинетите, кои треба да понудат ресурси и да дадат слобода. За природни науки исто така ќе се опремуваат кабинетите. Сакаме да создадеме услови за да добиеме поголем квалитет. Преку уметност и изразување создаваме поквалитетни граѓани кои ќе веруваат во она што им го даваме како образование за уметност и за музика. Сметам дека со оваа концепција ви се дава многу поголема можност за развој на учениците од помала возраст. Не само што не е избрзано, туку е задоцнето реформирањето на образованието - рече Царовска.

Потребни се темелни обуки

Професорката по музичко Светлана Димитриевска информира дека според резултатите од анкетата спроведена во групата на „Фејсбук“ за поддршка на онлајн-настава, најголем број од членовите одговориле дека се согласуваат дека се потребни реформи, но дека не се согласуваат со концептот за кој сметаат дека е избрзан.
- Вие се обидувате да воведете кариерен развој за наставниците, но и претходната гарнитура имаше лоши обиди за воведување на истото. Наставниците во однос на Кембриџ-програмата не беа доволно обучени, па затоа импровизираат и се снаоѓаат, а тоа го трпат учениците и родителите. Дали со новиот концепт нè чека истото? – праша Димитриевска.
Митко Чешларов, раководителот во Бирото, кажа дека во однос на напредокот на наставниот кадар, деновиве првпат е објавен конкурс за пријавување на наставници кои ќе напредуваат во звања.
- Наставниците ќе можат да станат ментори, ќе можат преку кариерен развој да добијат звања. Тие ќе бидат поддршка на сите други наставници во однос на организација и реализација на наставата - рече Чешларов.

Некои од наставниците оценија дека ова е идеален концепт кон кој би се стремеле и високо развиените земји, но клучот е во креирањето квалитетни наставници, односно, според нив, ако имате добар кадар и доверба, тогаш може да се постигнат целите за кои се говори.