Во јубилејната, десетта година како е капитен, одбојкарот Никола Ѓоргиев ја предводи репрезентацијата во квалификациите за Европското првенство

Во јубилејната, десетта година како е капитен, одбојкарот Никола Ѓоргиев ја предводи репрезентацијата во квалификациите за Европското првенство

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Годината кога се роди Марија, јас бев во Јапонија, така што со сопругата воопшто не дојдоа. Лани во Германија, поради проблеми со визата, бевме само четириесет дена заедно. Оваа година во Турција ни е прва година заедно и можам да кажам дека одлично се вклопивме. Одлично живееме. Марија има и другари со кои си игра во локалниот парк, вели Ѓоргиев

Јубилејната, десетта година на Никола Ѓоргиев како капитен на македонската одбојкарска репрезентација може ќе се покаже и како бериќетна во поглед на претстојните квалификации за Европското првенство. Нашиот најдобар одбојкар заедно со соиграчите од националниот тим ќе настапи на квалификацискиот турнир што ќе се одржи од 11 до 16 јануари во Скопје. Во група со нашата селекција се Турција и Босна и Херцеговина. Првопласираната екипа директно обезбедува европска виза. Најдобрите пет второпласирани од фазата по групи, исто така, ќе играат на континенталниот шампионат.
Ѓоргиев, кој инаку е и рекордер по бројот на настапи во црвено-жолтиот дрес, со 120 меча досега, е поим за истрајност, упорност и посветеност во својата работа. Тој има 14-годишна успешна интернационална кариера. Триесет и двегодишниот Ѓоргиев моментално настапува за турскиот клуб Инегол, а заедно со сопругата Дани и двегодишната ќеркичка Марија одлично се
приспособиле на животот таму.

Како го гледате потенцијалот на екипата во поглед на квалификациите за ЕП?

- Јас како капитен можеби најдобро го знам потенцијалот на оваа екипа и по овие четири пријателски меча со Бугарија можам да кажам дека имаме огромен потенцијал. Во овие квалификации каде што играме со Турција и со Босна и Херцеговина, пласманот на Европското првенство зависи само од нас. Мораме двапати да ја победиме Босна и потоа да се удриме „гради в гради“ со Турција. Со три победи, 99 отсто сме на Европско првенство, а со четири триумфи ќе обезбедиме директен пласман.



Вие сте најискусниот во нашата селекција. Кога првпат заигравте за репрезентацијата и дали веќе сте рекордер по бројот на настапи?

- Од почетокот сакав да го знам бројот на официјални натпревари што ги имам одиграно за Македонија. Јас сум рекордер по настапите. Од 2005 година играм за репрезентацијата, а веќе десет години сум и капитен на националниот тим. Со овие четири натпревари месецов, имам вкупно 120 настапи за Македонија.

Долго време настапувате во странство во разни клубови. Во кој клуб најдолго се имате задржано, а каде имавте најголеми успеси?

- Најмногу се имам задржано во Србија и во Турција. По четири години, во клубовите Раднички Крагуевац од 2005 до 2009 година, односно Мали Мили Пјанго од 2011 до 2015 година. Сега повторно се вратив во Турција, но во различен клуб. Моментално настапувам за Инегол. Имам многу успеси, меѓутоа, како најуспешна сезона би ја издвоил освоената двојна круна во Јапонија, каде што бев прогласен и за МВП на првенството. Тогаш со клубот Торај Аровс освоивме буквално сè.



Во поглед на семејството, каде најлесно се адаптираше додека настапувавте за некој клуб.


- Кога бевме сами со сопругата Дани, најубаво се адаптиравме во Париз и ни беше феноменално. Таа една сезона со Париз волеј беше прекрасна од секој аспект. Ќеркичката Марија веќе направи две години. Првата година кога се роди, јас бев во Јапонија, така што тие воопшто не дојдоа. Лани во Германија, поради проблеми со визата, бевме само четириесет дена заедно. Оваа година во Турција ни е прва година заедно и можам да кажам дека одлично се вклопивме. Одлично живееме. Марија има и другари со кои си игра во локалниот парк. Така што, пресреќен сум што одлично нè прифатија во Турција и конечно сме подолг период сите заедно.



Од сите земји каде што сте играле, која култура и обичаи најмногу Ви оставиле впечаток и зошто?

- Нормално дека од сите земји најразлична и најинтересна беше културата во Јапонија. Сосема различно од секое друго место каде што имам играно. Дури и одбојката што ја игравме беше поразлична. Најмногу ме воодушеви точноста. Сите доаѓаа петнаесет минути порано на своите седишта во автобусот. Ми кажаа дека тоа е поради почит кон возачот и постарите луѓе. Луѓето таму се многу искрени и тоа ви дава сигурност. Почитта е неверојатна и е иста кон секого, млад или стар.

Како го исполнувате слободното време и има ли нешто интересно да издвоите што сте го направилe/посетиле во некоја од земјите во која имате играно?

- Слободното време секогаш сум го користел да откријам и да посетам нови места. Во Париз беше феноменално секој ден да се посети нешто ново. Во Јапонија, со брзите возови за еден ден можеше да се отиде многу далеку. Со коронава тоа шетање е намалено и чекаме да заврши за да продолжиме да истражуваме и да откриваме нови места.



За време на пандемијава беа скратени спортските активности, што правевте за да ја одржите формата?

- Пред пандемијата седум години немав слободно време, па откако фати пандемијата, си зедов два месеца одмор за да може телото да ми се рехабилитира. Поминував многу повеќе време со семејството. Откако дознав кога ќе почне сезоната, почнав со лесни тренинзи. Важно ми беше кога ќе дојдам таму, да бидам физички подготвен.

Релативно сте млад и имате уште неколку врвни играчки години пред себе. Која би била идеална дестинација во оваа фаза од кариерата?

- Во која земја и да сум играл, јас сум оставил впечаток, дали со индивидуални награди или со клупски достигнувања. Освен во Италија каде што ја греев клупата, но тогаш бев млад. Идеална дестинација сега би ми била Италија, две-три години, а потоа би сакал да заиграм во Катар или во Дубаи, да видам и таму како е.

Дали на теренот сте лидер со зборови или со дела? И кој е советот што им го давате на помладите одбојкари кои се стремат кон интернационална кариера?



- На терен сум лидер првин со дела, а потоа со зборови. Ако капитенот не го прави тоа што се бара, тогаш што да се очекува од помладите. На младите им кажувам дека играњето во странство не е страшно како што го прикажуваат. Треба да се посветени, да заборават на мама и тато, на другари, на одење по кафиња, на хоби. Таму се знае - мора да си целосно фокусиран, па подоцна можеш да размислуваш за релаксирање во земјата во која си отишол да играш.

Дали сте размислувале што би правеле откако ќе ја завршите кариерата. Дали можеби би станале тренер или би се тргнале од спортот?

- Сега сум во недоумица. Еден ден размислувам да останам тренер, а еден ден мислам да го напуштам спортот. Би сакал да сум тренер бидејќи мислам дека имам доста знаење кое можам да им го пренесам на младите. Меѓутоа, мојот карактер е таков што во секоја работа се внесувам стопроцентно и не би бил задоволен доколку другите не го прави истото. Тоа може да биде предмет на кавга. Од друга страна, ако се тргнам од спортот, јас не знам друго да работам. Откако знам за себе сум во одбојката. Така што, сè уште не сум одлучил. Се надевам на уште пет-шест успешни сезони, па ќе видиме.



Фото: Приватна архива