Дали од индивидуално нарцисоидно нарушување доаѓа до морално болно општество?

Дали од индивидуално нарцисоидно нарушување доаѓа до морално болно општество?

Во денешно време ние, луѓето, стануваме сè поотсутни не само еден од друг, туку и сами од себе. Поради сето тоа, сè повеќе стануваме збунети што е нормално, исправно, а што не е. На многумина од нас им е сè потешко да функционираат во денешното нарцисоидно општество, па поради тоа е неопходно често да се потенцираат и да се укажува на правите морални вредности и да се разјаснат некои поими од областа на моралноста и етиката...

Дали нарцисоидното растројство на поединецот доведува до морална болест на општеството!?

Нарцисоидноста е сериозно морално нарушување кое го погодува не само нарцисоидниот поединец, туку во голема мера и општеството во кое живее, работи, општи. Нарцисоидноста е до таа мера распространета, раширена, што би можеле да зборуваме за психолошка, политичка, општествено-културна нарцисоидност.
Со други зборови, нарцисоидноста не претставува само индивидуална патологија, туку и важен современ, општествен и културен феномен, при што би требало да разликуваме здрав од патолошки нарцизам ( во овој текст се осврнувам на патолошки нарцизам).

Патолошката нарцисоидна култура вклучува когниција на супериорност, самовеличење, недостиг на емпатија, егзалтиран афективитет (постојана потреба од восхит од страна на другите), егоистична мотивација, со еден збор егоцентрично и автократско однесување, насочено на искористување и подредување на другите. Неретко тие приграбуваат посебни привилегии, позиции и материјални средства верувајќи дека ги заслужуваат затоа што се посебни, притоа ги стекнуваат без труд и работа. Најчесто им завидуваат на другите, а се уверени дека другите им завидуваат ним. Во основа сите нарцисоидни личности имаат единствена потреба да се чувствуваат супериорно над другите, поради што непрестајно се споредуваат со другите. Поради тоа, најчесто се опкружуваат со послаби од нив, помалку образовани, помалку убави, посиромашни и тоа со единствена цел секогаш да се чувствуваат подобри, најдобри. Нарцисите со еден збор сонуваат за слава! Притоа многу болно го доживуваат соочувањето со сопствените недостатоци, кои настојуваат да ги потиснат длабоко во својата свест. Тие радо би биле невидливи отколку несовршени.



Многу личности во нашето секојдневие, јавни и помалку јавни, се „расфрлаат“ со својата величина во општествениот живот, а народната маса, како едвај да чека шанса да ги имитира, со тоа докажувајќи си ја сопствената потреба за семоќ.
Нарцисоидното нарушување на личноста во денешно време достигнува размери на епидемија затоа што околу нас секојдневно како масовна појава сè повеќе се зголемува бројот на „мали“ и „големи“ нарциси. Преокупирани сами со себе, исклучиво со своите потреби и интереси, преокупирани со својот радикален егоистичен хедонизам, индивидуализам, бесрамност, самоувереност до надменост, немилосрдна компетитивност, завист и ароганција. Таквото непочитување на другите доведува до кршење на институцијата авторитет и традиционалните општочовечки вредности. Сликата и имиџот што сами го произведуваат и го пласираат во јавноста им дава моќ да ги запоседнат сите пори во општеството.
...и со сè претходно наведено доаѓаме до одговорот на прашањето: Дали од индивидуално нарцистичко нарушување доаѓа до морално болно општество!?

ДА! Моралното нарушување ги зафаќа сите психички функции, емоции, мисли, однесување, што е во случај со нарцисоидноста и истите за жал не подлежат на корекции.
Затоа почесто, секојдневно, да се потсетуваме на правите морални вредности, за колку толку да го сочуваме општеството здраво, а и самите ние во него.
Во спротивно би настанала колективна деморализација, т.е. судир со социокултурната ситуација со која луѓето не можат да се носат и сеопшта депримираност, депримираност што сама по себе значи индивидуален или колективен морален крш, кој се карактеризира со губење надеж, смисла, задоволство, самопотценување, песимистичко и фаталистичко мислење, очај и непримерно однесување.

Автор: психијатар д-р Милијана Кацарска, супспец. по судска психијатрија
сертифициран за РЕБпсихотерапија

Фото: Иван Каратанов