Најбогатите луѓе во светот веќе ја потрошија целата дозволена квота на загадување за годинава
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Еден отсто од најбогатите луѓе на светот го потрошија својот удел во дозволените емисии на јаглерод во само 10 дена од 2026 година, покажуваат анализите. Во меѓувреме, на најбогатите 0,1 отсто им беа потребни само три дена да го исцрпат својот годишен јаглероден буџет, стои во истражување на организацијата „Оксфам“.
Од оваа хуманитарна организација порачуваат дека најтешките последици од емисиите ќе ги претрпат оние што најмалку придонеле за климатската криза, вклучувајќи ги жителите на сиромашните земји, кои се на првата линија на климатскиот колапс, автохтоните заедници, жените и девојчињата.
Земјите со ниски и средни приходи се најизложени на штетните последици од овие емисии, а глобалната економска штета до 2050 година би можела да достигне дури 44 билиони фунти.
Од „Оксфам“ го повикаа британскиот министер за финансии да ги зголеми даноците на екстремното богатство што загадува, порачувајќи дека најбогатите поединци и корпорации имаат несразмерно голема моќ и влијание.
Од организацијата наведуваат дека најбогатите 1 % во Велика Британија придонеле за повеќе јаглеродно загадување за осум дена отколку најсиромашните 50 % од населението за цела година.
Не само што супербогатите се одговорни за најголемиот дел од емисијата на јаглерод, туку и вложуваат во индустрии што најмногу загадуваат. Еден милијардер во просек поседува инвестициско портфолио во компании кои годишно произведуваат околу 1,9 милиони тони јаглероден диоксид, што е приближно еднакво на годишните емисии на 400.000 автомобили на бензин.
За да се остане во рамките на договорените граници за глобално загревање од најмногу 1,5 степени во однос на прединдустриското ниво, поставени со Парискиот договор од 2015 година, најбогатите 1 % од светското население би морале до 2030 година да ги намалат своите емисии за 97 %.
Извор:
Buka
Фото: Freepik