Огромна студија поврзува 99 отсто од срцевите и мозочните удари со 4 ризик-фактори
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Срцевите и мозочните удари ретко се случуваат без предупредување.
Според податоците за здравјето на повеќе од 9 милиони возрасни лица во Јужна Кореја и САД, речиси секој што развива срцево заболување и претрпува големо кардиоваскуларно заболување има еден од најголемите ризик-фактори пред да се случи тоа.
Овие фактори се: висок крвен притисок, висок холестерол, високи нивоа на шеќер во крвта и пушење (во минатото или сегашноста).
Комбинирани како група, тие претходеле на 99 отсто од сите кардиоваскуларни заболувања за време на долгорочната студија објавена минатата година.
Дури и кај жените под 60 години - демографската група со најмал ризик од вакви заболувања - повеќе од 95 % од срцевите или мозочните удари бие поврзани со еден од постојните ризик-фактори.
Високиот крвен притисок е факторот што најчесто се поврзува со кардиоваскуларните заболувања. И во САД и во Јужна Кореја повеќе од 93 % од лицата што доживеале срцев удар, мозочен удар или срцева слабост, претходно имале хипертензија.
Средувањето на овој ризик-фактор би можело да биде клучно во превенцијата на сериозни кардиоваскуларни болести.
- Мислиме дека студијата убедливо покажува дека изложувањето на еден или повеќе неоптимални ризик-фактори пред овие кардиоваскуларни исходи е речиси 100 отсто. Сега целта е да се работи повеќе на наоѓање начини за контрола на овие приспособливи ризик-фактори наместо да се цели кон други фактори кои не можат лесно да се третираат и не се случајни - истакна авторот и кардиолог Филип Гринланд по објавувањето на студијата.
Студијата е објавена во „Џурнал оф д Американ колеџ оф кардиолоџи“.
Извор:
Science Alert
Насловна фотографија: Freepik