Зошто Краков ги посипува улиците со талог од кафе?

Зошто Краков ги посипува улиците со талог од кафе?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Градските власти во Краков почнаа да посипуваат талог од кафе на јавните патеки и улици наместо песок или сол, како еколошки начин да ги заштитат граѓаните од лизгање.

Инспирирани од иницијативата што почнала во Лавов, Украина, 40 кафулиња од Краков одговорија на повикот да го донираат талогот од кафето.

Полскиот блог за екологија „Зелени проекти“ ги истакна клучните придобивки од иницијативата, кои вклучуваат продуктивна употреба на отпадот, зголемување на квалитетот на почвата бидејќи талогот дејствува како ѓубриво, заштита на шепите на кучињата, кои страдаат од солта што обично се користи во зима за да не замрзнат улиците, како и пријатен мирис за оние што шетаат во паркот.

- Имаше силен одѕив од кафулињата низ целиот Краков, кои сакаа да помогнат и да се вклучат во иницијативата - вели Катарцина Пржиејмска-Гржезик од одделот за зелени простори на Краков.

polska
Фото: Screenshot/YouTube

- Едно од првите кафулиња што одговорија на иницијативата беше „Кафе Киачо“ во Дабники, но набрзо се приклучија кафулиња од целиот град. Веднаш по нив се приклучија и најпознатите ресторани, како и „Старбакс“ и „Мекдоналдс“ - додава Катарцина.

- Градот сега е во процес на собирање талог од сите кафулиња и ресторани што се пријавиле како подготовка да почне да го користи талогот на споредните патеки во паркот Планти, близу плоштадот Вајда, како и неколку патеки во паркот Лотников.

Доколку се покаже ефикасен, талогот ќе се користи и за главните патеки низ градот и може да стане главна стратегија за одржување на пристапните улици до парковите во Краков во зима.


Извор: Thefirstnews.com
Фото: Screenshot.YouTube