Колумна: Становите не се обична трговска стока, туку простор за хумано живеење
Пред неколку дена во јавните медиуми беше објавена вест дека странски инвестициски фондови купуваат станови кај „Ист гејт мол“ и во Центар. Гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, изјави дека дански инвестициски фонд има купено 40 стана во згради во изградба недалеку од центарот на Скопје. Не знае дали ќе бидат за издавање или за продавање ако очекуваат цените и понатаму да растат.
Според информации на ТВ Телма, се работи за многу повеќе станови купени од данскиот инвестициски фонд. Според нивни информации, тие досега склучиле договори за 144 стана кај „Ист гејт мол“ и во центарот на градот, а планираат бројката да достигне до 350 стана во главниот град.
Во медиумите имаше разни коментари во врска со оваа вест, а тие се најчесто околу цените на становите. Според Агенцијата за катастар, просечната цена на становите во Центар во последното тримесечје од 2025 година била околу 1.800 евра по квадрат, а малку поевтини биле во Карпош. Цените на становите се зголемуваат затоа што постои постојана побарувачка последниве неколку години. Ситуацијата е парадоксална бидејќи околу 30 % (и повеќе) од становите во градот Скопје се празни. Тогаш логично се поставува прашањето зошто има голема побарувачка? Според мое мислење, една од причините е што во банките има штедни влогови на физички и правни лица во износ од повеќе милијарди евра, а каматите се премногу ниски или нула. Од друга страна, инфлацијата е околу 4 % (и повеќе). Тоа значи дека штедните влогови губат од својата вредност и затоа голем дел од нив се инвестираат во купување станови и други недвижности.
Но мотивот да ја напишам оваа колумна не ми беше анализа на цените на становите, исплатливост на инвестициите, финансиските и другите слични аспекти. Со тоа што странски инвестициски фондови купуваат станови во атрактивни делови во градот Скопје, се потврдува фактот дека изградба на нови згради во Скопје се прави чисто за остварување профит, а на сметка на влошување на условите за живеење на жителите на градот.
Па становите не се обична стока или обични производи за продавање на пазар, а чија главна цел е правење профит. Уште повеќе, станаа стока и за меѓународен бизнис. Тоа е легално, но становите не треба да бидат третирани како стока за трговија, туку примарна цел е хумано домување на семејства, најчесто со деца. А за да се остварува тоа, треба да има соодветна содржина околу зградата и во блиска околина. Треба да има зеленило околу зградата, катче за игри на децата, во близина да има градинка, училиште, продавници за разни намирници, паркинг соодветен на потребите и други работи, за што експертите за урбанизам се поупатени од мене.
Знаеме дека градот Скопје често има голема загаденост на воздухот. Има неколку причини за тоа, а една од нив е изградбата на многу згради последниве децении, со што се спречува струењето на воздухот. Некои го нарекуваат ова бетонизација на Скопје каде што преовладуваат површини од бетон, ѕидови и асфалт, со што во летниот период се создава ефект на топлински острови, така што температурата во тие делови од градот достигнува и до 45 оС. Не само што не е хумано да се живее во такви услови, туку докажано со факти е дека смртноста на луѓето во такви услови е поголема.
По катастрофалниот земјотрес (1963 г.) во Скопје се направија огромни грешки во водењето на политиката, економијата, образованието итн. Голема грешка беше што најмногу индустриски објекти и разни други претпријатија се отворија во Скопје, па се јави голема миграција од целата земја кон Скопје. Се случува(ше) огромна градежна експанзија на градот, така што целокупната инфраструктура не може(ше) успешно да се приспособи на овие промени. Тоа се однесува во сите сфери на живеењето: комуналните услуги, сообраќајот, здравството, хигиената итн. Денес, вообичаени се глетки на прекопување на улиците заради дополнување на комуналната инфраструктура (водовод, канализација, електрична мрежа, топлификација и др.) за да се задоволат потребите на новоизградените големи згради.
Предлагам веднаш да се стопира донесување на нови и дополнувања на урбанистички планови за градот Скопје и општините во него сѐ додека не се направат коренити промени во оваа област. Треба да се направи нова стратегија за градот Скопје, но не за градежен бизнис, туку за содржини важни за животот на скопјани од повеќе аспекти. Упатувам апел до градоначалниците и советниците на овие општини да се ревидираат сегашните урбанистички планови во насока на похумани услови за живот.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје