Се воведува истражувачко новинарство во основно образование
Министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на промоцијата на новиот курикулум за истражувачко новинарство по предметот Граѓанско образование, во Собранието на Македонија.
Модулот за истражувачко новинарство е вид практична школа за демократија. Во улога на истражувачки новинари, учениците ќе обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе пишуваат новинарски текстови.
Министерката Јаневска нагласи дека демократијата е темелна вредност на нашето општество, а преку образованието можеме да придонесеме за натамошно јакнење на демократските процеси.
- Неодамна добивме признание од Советот на Европа дека Македонија е зрело демократско општество, во кое владее правото. Тоа е голема чест за нашата држава и за Владата, што во основа покажува дека демократските принципи се вградени во институциите на системот и дека демократијата ја практикуваме, а не е само декларативна. Треба да продолжиме во таа насока - рече Јаневска.
Таа додаде дека низ воспитно-образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои ги знаат, почитуваат и применуваат демократските принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки. Децата од најрана возраст треба да учат дека сите, без разлика на раса, пол, религија или социо-економски статус, имаат еднакви права и можности. Вештините како критичко размислување, тимска работа и дијалог, кои гарантираат функционална демократија, најдобро се усвојуваат кога се интегрирани во наставните програми.
Јаневска упати благодарност до швајцарската Програма за парламентарна поддршка и Парламентарниот институт на Собранието за подготовката на модулот, кој веќе е одобрен од Бирото за развој на образованието како изборен за 8. и 9. одделение и е достапен на училиштата.