Контроверзен летен одмор: Нацистичкиот комплекс кој прерасна во луксузно одморалиште
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
На најголемиот германски остров Риген, популарна дестинација на Балтичкото Море, модерните апартмани со стаклени балкони што гледаат кон морето буквално ги делат ѕидовите со остатоците од некогашното нацистичко одморалиште.
Огромниот комплекс наречен „Прора“ се состои од шесткатници распоредени по должината на брегот, на само 150 метри од морето, простирајќи се на должина од 4,7 километри. Оваа нацистичка визија за летувалиште со 10.000 двокреветни соби била изградена помеѓу 1936 и 1939 година.
Замислата за одморалиште никогаш не се реализирала
Проектот, кој денес е контроверзен, но типичен пример на архитектурата на Третиот Рајх, го дизајнирал Клеменс Клоц, а градежните работи биле под надзор на Хитлеровиот архитект Алберт Шпер. Концептот го развил Роберт Леј, водечка фигура во нацистичкиот идеолошки проект наречен „Сила преку радост“, со цел секој германски работник да може да си дозволи одмор на плажа.
Секоја соба во „Прора“ имала поглед на море, два кревети, плакар и мијалник. Поради скромниот простор од 2,5 на 5 метри, на секој кат имало заеднички бањи, но без поглед кон морето. Комплексот бил замислен да има големи трпезарии, простории за културни настани, забава и спорт.
Градежните работи биле изведени од најголемите градежни компании на Третиот Рајх, со учество на околу 9.000, главно присилени работници. Но, со почетокот на Втората светска војна, тие биле пренасочени во фабриките за оружје, оставајќи го „Прора“ како недовршен споменик на нацистичката амбиција. Од планираните содржини биле изградени само осум станбени блока, кино и театар, но базените и големата фестивалска сала никогаш не биле завршени.
Пропаднати соништа и нова намена
По војната, масивниот бетонски комплекс имал различни намени. Првично бил прибежиште за бегалци од Хамбург и Источна Германија, а подоцна, кога советската војска го зазела островот, бил користен како воена база. Во средината на 50-тите години „Прора“ бил под контрола на Источногерманската народна армија, која го користела како воен објект сè до падот на Берлинскиот ѕид.
По германското обединување, дел од комплексот служел како привремено засолниште за бегалци од Хрватска и Босна и Херцеговина. Подоцна, еден негов дел бил претворен во младински хотел. Во 1994 година „Прора“ бил прогласен за културно наследство, а за да се финансира реставрацијата, блоковите биле продавани на приватни инвеститори.
Контроверзиите околу „Нова Прора“
Денес, најголемиот дел од комплексот е претворен во луксузно летувалиште со хотели и апартмани. Така, некогашните мали соби се споени во поголеми станбени единици, а заедничките бањи се заменети со приватни. Ова модернизирано одморалиште сега е познато како „Нова Прора“.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека оваа реконструкција претставува реализирање на оригиналната визија на Хитлер. Тие потенцираат дека историското значење на комплексот не смее да биде игнорирано во корист на туристичката индустрија.
Од друга страна, поддржувачите на проектот сметаат дека одморалиштето отсекогаш било замислено за туристички цели и дека неговото обновување нема врска со нацистичката идеологија. Особено тие што продаваат апартмани по цена од 1,5 милион евра. Секако, сите со поглед на море.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Wikipedia