Манчестер јунајтед ќе добие нов стадион
Надминувајќи го капацитетот на познатиот „Вембли“, стадионот ќе биде опкружен со структура слична на шатор што се простира преку новиот јавен плоштад - двојно поголем од плоштадот Трафалгар сквер.
Британското студио „Фостер + партнерс“ го претстави дизајнот на стадионот покриен со „џиновски чадор“ за англискиот фудбалски клуб Манчестер јунајтед, а новиот објект по изградбата ќе стане најголемиот стадион во Велика Британија.
Ќе биде изградена спортска арена со 100.000 седишта до сегашниот стадион на популарните „црвени ѓаволи“, наречен уште и „Олд Трафорд“, кој има капацитет од 74.197 гледачи.

фотоизвор: Foster + Partners
Црвена боја за „црвените ѓаволи“
Кога ќе биде завршен, стадионот дизајниран од „Фостер + партнерс“ ќе го надмине сегашниот најголем фудбалски стадион во Обединетото Кралство, познатиот „Вембли“, кој има капацитет од 90.000 гледачи.
Објавените рендери го прикажуваат новиот стадион обоен во црвената боја на Манчестер јунајтед, опкружен со структура слична на шатор што се протега низ јавен отворен простор.
- Стадионот е опкружен со огромен чадор, кој собира енергија и дожд и обезбедува засолниште за новиот јавен плоштад кој е двојно поголем од плоштадот Трафалгар сквер - изјавил основачот на студиото Норман Фостер, продолжувајќи:
- Стадионот ориентиран кон надворешноста ќе биде срцето на новата одржлива област, која е целосно пешачка, опслужувана со јавен превоз и украсена со природа. Тоа е мешан мини-град на иднината - поттикнувајќи нов бран на раст и создавајќи глобална дестинација со која жителите на Манчестер можат да се гордеат.
Целта е да се подобри искуството на посетителите со подобрени погледи на теренот и акустика.
- Ова мора да биде еден од највозбудливите проекти во светот денес, со неверојатно регионално и национално значење. Се започнува со искуството на навивачите, доближувајќи ги до теренот повеќе од кога било и акустично негувајќи громогласен татнеж - истакнал Фостер.

фотоизвор: Foster + Partners
- Денес започнува неверојатно возбудливо патување кон создавање на најважниот фудбалски стадион во светот, во срцето на обновениот „Олд Трафорд“ - изјавил косопственикот на Манчестер јунајтед, Џим Ретклиф.
Зачувување на суштината на „Олд Трафорд“
- Нашиот сегашен стадион брилијантно ни служеше во последните 115 години, но не ги исполнува условите на најдобрите арени во светскиот спорт. Градејќи покрај постојниот објект, ќе можеме да ја зачуваме суштината на „Олд Трафорд“ додека создаваме навистина современ стадион, кој го трансформира искуството на навивачите на само неколку чекори од нашиот историски дом - заклучил Ретклиф.
Извор: gradnja.rs
Фото: Foster + Partners