Стојанка Ќупчева - студентски правобранител и врснички едукатор за ментално здравје - доби признание за извонредност и сестраност на УКЛО

Стојанка Ќупчева - студентски правобранител и врснички едукатор за ментално здравје - доби признание за извонредност и сестраност на УКЛО

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Стојанка Ќупчева е трета година на Педагошкиот факултет, на насоката Македонски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и е пример за активен студент. Покрај тоа што е редовна на предавањата и испитите ги дава навреме, па досега постигна висок просек од 9,4, има организирано низа едукативни семинари, работилници, вебинари и други настани. 

Волонтира во неколку невладини организации, стана врснички едукатор за ментално здравје, а воедно е и студентски правобранител на УКЛО. Таа е дел од неколкуте студенти на кои Битолскиот универзитет им додели признанија за извонредност и сестраност. 

Ќупчева вели дека балансот помеѓу академските обврски и воннаставните активности е во умешноста на управување со времето.

- Јас го доживувам времето како најскапоцен ресурс, ако мудро се распредели, може да создаде извонредни резултати. Активностите што ги организирам или во кои учествувам ми носат дополнителна вредност. Тие не се пречка за мојот академски успех, туку го надополнуваат, ми овозможуваат да стекнам практични вештини и да го збогатам моето искуство. Да се биде активен студент значи да се биде буден учесник во својот интелектуален и социјален развој. Студирањето, според мене, не е само збир на предавања и испити, туку простор за размислување, дебата, преиспитување на реалноста и оформување критички дух - вели Ќупчева.



Според неа, студентите не треба да се само пасивни слушатели, туку активни учесници во својот раст. Активниот студент не се задоволува со следење на предавањата и настаните, туку активно учествува во нивното обликување. Не се плаши да поставува прашања, да бара одговори, да биде гласот на оние што можеби немаат храброст да зборуваат.

Голем интерес на семинарите што ги организира

Семинарите и работилниците во чија организација учествувала имале цел студентите да стекнат знаења и вештини кои не се дел од стандардното образование, но се клучни за нивниот личен и професионален развој. Теми биле самодовербата, емоционалната интелигенција, јавниот настап и личен развој. Голем интерес предизвикал семинарот за меки вештини, одржан во декември 2024 година на кој преку интерактивни методи студените можеле да ги подобрат своите комуникациски способности, критичко размислување и тимска работа. Дополнително, се зборувало за справување со академскиот притисок и градење продуктивни навики.

- Семинарот покажа многу добри резултати, со висока ангажираност на студентите и извонредни повратни информации. Уште еднаш потврди дека неформалното образование е суштински дел од подготвеноста за идни предизвици. Продолжуваме со организирање настани кои ќе ги поттикнат лидерските вештини, самодовербата и професионалниот успех на студентите - додава Ќупчева.



Врснички едукатор за ментално здравје

Таа посетувала и обука за врсничка едукација од областа на менталното здравје цела академска година, по што стана врснички едукатор. Изучувале теми како анксиозност, депресија, ризично однесување, резилиентност и самодоверба, стекнувајќи знаења и алатки за поддршка на студентите во справувањето со овие предизвици.

- Верувам дека студентите често ја занемаруваат сопствената психолошка благосостојба, па затоа ваквата едукација е клучна за создавање здрава и продуктивна академска заедница. Потребен е отворен простор за разговор, каде што секој може да побара помош без страв од осуда. По завршувањето на обуката организирав работилница за самодоверба со колегите од факултет, каде што разговаравме за изградба на позитивна слика за себе и надминување на несигурностите. Воедно и УКЛО активно се грижи за менталното здравје на своите студенти преку бесплатното Психолошко советувалиште, каде што студентите имаат пристап до врвни психолози кои посветено работат на нивната психолошка благосостојба и личен развој - вели Ќупчева.

Менталното здравје и самодовербата на студентите се многу важни зашто тие треба да бидат катализатори на промени.

- Ако денес, во студентските клупи, се охрабриме да се залагаме за правда, знаење и напредок, тогаш и во иднина ќе бидеме луѓе кои активно ќе придонесуваат за општественото добро - нагласува таа.



Студентски правобранител

Ќупчева како студентски правобранител, функција која ја извршува веќе една година, вели дека во последно време забележува сè поголема храброст и решеност кај студентите да се обратат за помош.

- Како студентски правобранител, најчесто се соочувам со проблеми кои се поврзани со испитните процедури, правото на увид во тестовите, академска транспарентност и административни предизвици. Се трудам активно да ги охрабрам и мотивирам да не се плашат да ги бранат своите права, бидејќи нивната активност е клучна за позитивни промени. Студентите можат да сметаат на мене за поддршка во процесот на приговори, молби и академски консултации. На овој начин, верувам дека ја градам нивната доверба бидејќи сметам дека само кога студентите се обединети, нивните гласови можат да направат промени во академската средина – вели Ќупчева.

Таа ја гледа иднината дома. Вљубеник е во македонскиот јазик и сака да им помогне на идните генерации да го разберат значењето на јазикот не само како средство за комуникација, туку и како духовен и културен симбол.

- Иако многу млади луѓе размислуваат за можности во странство, јас верувам дека моето место и мојот труд ќе бидат најдобро прифатени и препознаени овде, во мојата родна држава. Македонија, со сите нејзини предизвици и потенцијали, за мене претставува идеално место за личен и професионален развој. Како идна професорка по македонски јазик, сметам дека ќе можам да се остварам на највисоко ниво ако останам овде, работејќи со љубов на зачувување и развој на мојот мајчин јазик.



На прашањето како да се задржат младите да студираат дома, ни одговори:

- Ова е многу комплексно прашање и не постои едноставен одговор. Првиот чекор е да се подобри студентскиот стандард, што вклучува реновирање на студентските домови и воведување повеќе линии за меѓуградски превоз. Намалувањето на цените на билетите и зголемувањето на стипендиите, исто така, ќе помогнат во создавање поволни услови за студирање. Освен тоа, треба да се осигуриме дека практиката ќе биде еднакво вреднувана како теоријата, бидејќи тоа ќе обезбеди студентите да стекнат реално искуство и да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Овие и слични мерки ќе ги мотивираат младите да останат во Македонија и да ги градат своите кариери тука.

Фото: приватна архива