Светло и боја за интернет што не може да се хакира

Светло и боја за интернет што не може да се хакира

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Безбедноста на податоците е загрозена: во иднина квантните компјутери би можеле веднаш да ги декодираат шифрираните датотеки испратени преку интернет. Затоа, истражувачите експериментираат со квантни мрежи и системи кои би можеле да гарантираат комуникација отпорна на прислушување, преку квантно механички феномени како суперпозиција и испреплетеност на тие криптографски квантни протоколи.

Механичко шифрирање

На Институтот за фотоника при Универзитетот „Лајбниц“ во Хановер истражувачите развиле нов метод на дистрибуција на квантни клучеви врз основа на испреплетување. Оваа техника на квантно механичко шифрирање користи различни фреквенции на светлина, или бои, за да ги кодира соодветните квантни состојби. Методот, велат тие, ги зголемува безбедноста и ефикасноста на ресурсите.

- Нашиот пристап може да овозможи зголемување на квантните мрежи додека користи помалку ресурси за поврзување на повеќе корисници на подолги растојанија - откриваат истражувачите.

Повеќеканален метод


Истражувачите успеале да ги измерат квантните состојби на светлосните честички користејќи само еден детектор наместо четири високочувствителни фотонски детектори. За да ги направат четирите потребни мерења, тие користеле метод на пренос на фреквенција во време, што ги пресликува фреквентните компоненти во времето на пристигнување на фотонот во детекторот.

Методот користи неколку канали истовремено. Ова таканаречено адаптивно мултиплексирање на фреквенцијата ја зголемува стапката на дистрибуција на клучот, без потреба од дополнителни уреди, а перформансите на квантната мрежа динамички се приспособуваат на тековното оптоварување.

Извор: bug.hr

Фото: Leibniz Universitat Hannover