Збогум, Ленин: Финскиот музеј со нов идентитет поради влошените односи со Русија

Збогум, Ленин: Финскиот музеј со нов идентитет поради влошените односи со Русија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Поранешниот музеј на Ленин во Тампере, кој бил отворен во 1946 година како симбол на финско-руското пријателство, доби ново име и изложби во контекст на војната во Украина.

Финскиот музеј посветен на рускиот советски лидер Владимир Ленин повторно е отворен со ново име и концепт, како одговор на брзите промени во односите меѓу двете соседни држави по руската инвазија врз Украина.

Поранешниот музеј во Тампере, кој се затвори во ноември, овој месец повторно ги отвори вратите под името „Ноти“, што се однесува на финскиот збор за дипломатска нота.

 
Кога првпат бил отворен во 1946 година, по завршувањето на Втората светска војна, бил симбол на повоеното пријателство. Локацијата била избрана бидејќи токму во Тампере првпат се сретнале Ленин и Сталин како млади комунистички лидери. За време на Студената војна, музејот станал место за дипломатски средби, а во 2016 година бил модернизиран за да се фокусира на советската историја наместо на животот на Ленин.

Но, со оглед на последните настани и повторно замрзнатите односи меѓу двете земји, раководството на музејот оцени дека е потребна драстична промена и реши да создаде сосема нова институција. По руската инвазија врз Украина во 2022 година, Финска брзо стана членка на НАТО, а заедничката граница од 1.330 километри беше затворена откако Хелсинки ја обвини Москва за „хибридна операција“ со бегалци - обвинување што Кремљ го негира.

- Во изминатите три години се покажа дека музејот повеќе не е она што му е потребно на народот. Луѓето не ја разбираа неговата улога, а името стана товар. Затоа решивме да го затвориме музејот и да изградиме сосема нов, со ново име - „Ноти“ - изјави Кале Калио, директор на музејот.

 
Новите теми во музејот ги опфаќаат: распадот на Руското Царство во 1917 година и независноста на Финска, граѓанските војни од двете страни на границата, судбината на советските Финци за време на теророт на Сталин, Зимската војна, финскиот сојуз со Хитлер, Студената војна, тајните служби, билатералната трговија, културните врски и туризмот од 50-тите години, како и процесот што доведе до влезот на Финска во НАТО во 2023 година.

Експонати кои сведочат за историјата

Меѓу експонатите, кои вклучуваат слики, текстови, видеа и историски артефакти што ја раскажуваат еволуцијата на односите меѓу двете земји, се наоѓа и велосипед што бил користен од бегалец за преминување на границата во 2023 година.

Директорот на музејот нагласува дека целта на музејот е да ги раскаже и финската и руската страна на историјата, но не соработува со руската држава или руските музеи.

Без разлика какви ќе бидат идните односи меѓу Финска и Русија, Калио е уверен дека музејот, со своето ново име и концепт, секогаш ќе има значење.

- Ако ја погледнеме финската историја и нејзините клучни моменти во последните 150 години, невозможно е да ги разбереме без да ја разбереме и руската историја. Нашите приказни се нераскинливо поврзани - вели тој и додава дека односите меѓу Финска и Русија секогаш ќе постојат, без оглед на тоа какви ќе бидат.

Извор: The Guardian
Фото: Instagram