Тајланд воведува мерки за штедење енергија: Службениците не смеат да користат лифтови, а многумина ќе работат од дома

Тајланд воведува мерки за штедење енергија: Службениците не смеат да користат лифтови, а многумина ќе работат од дома

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Премиерот на Тајланд, Анутин Чарнвиракул, им нареди на државните службеници да штедат енергија поради притисокот врз енергетскиот сектор предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток.

Како што соопшти портпаролката на владата, мерките вклучуваат забрана за службени патувања во странство, користење скали наместо лифтови, како и други чекори за намалување на потрошувачката на енергија.

- Премиерот нареди државните службеници да работат од дома - изјави портпаролката Лалида Перисвиватана, додавајќи дека исклучоци ќе има за службениците што директно им даваат услуги на граѓаните.

Втората по големина економија во Југоисточна Азија во моментов има енергетски резерви за околу 95 дена и бара дополнителни извори на течен природен гас од САД, Австралија и Јужна Африка, изјави министерот за енергетика Аутапол Реркпибун.

Во меѓувреме, властите се обидуваат да ја намалат потрошувачката на енергија.


Портпаролката наведе дека дополнителните мерки вклучуваат поставување на клима-уредите на 26 до 27 Целзиусови степени и носење кошули со кратки ракави наместо формална облека, како што се костуми и вратоврски.

- На државните службеници им е наложено да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во канцелариите со гасење на светлата и електричните уреди кога не се потребни - додаде таа.

Исто така, владата ќе побара соработка од граѓаните и ќе поттикнува мерки за штедење енергија, како што е заедничко користење автомобили.

Според податоците на Енергетската регулаторна комисија на Тајланд, околу 68 отсто од енергетските потреби на земјата се покриваат со природен гас. Повеќе од половина од течниот природен гас доаѓа од домашно производство во Тајландскиот Залив, додека 35 отсто се увезуваат, од кои 13 отсто од соседен Мјанмар.

Овој месец Тајланд го суспендира извозот на енергија во сите земји освен во Лаос и Мјанмар.

Извор: 021.rs
Фото: Freepik