Марко Ѓоргиевски, директор на НАЕПМ: Ќе го вратам угледот на Агенцијата, парите од европските фондови правично ќе се распределуваат

Марко Ѓоргиевски, директор на НАЕПМ: Ќе го вратам угледот на Агенцијата, парите од европските фондови правично ќе се распределуваат

Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Серијата скандали и сомнежи за злоупотреби на средства од страна на претходното раководство, за кои се водат истражни постапки во надлежните институции, предизвикаа низа промени во агенцијата. Меѓу другото, ќе бидат ангажирани надворешни експерти – евалуатори, со што ќе биде формирана нова база на стручни лица кои ќе ги оценуваат проектите, процес кој ќе се спроведува во консултација со нашиот национален авторитет, вели Ѓоргиевски

Марко Ѓоргиевски од ноември минатата година е прв човек на Националната агенција за европски програми и мобилност. Тој на „жешкото столче“ седна по низата скандали што ја тресеа оваа институција за време на неговата претходничка, кога беше обелоденета можна злоупотреба на фондовите на Еразмус+ програмата, за што истрага отворија и нашите институции - Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како и Европската комисија. Случувањата во институцијата повлекоа реорганизација и измени во однос на правичната распределба на средствата, а токму за тоа, како и за новата програма Еразмус+, од која е дел и Македонија, зборуваме со Ѓоргиевски во ова интервју за Факултети.мк.

Европската комисија ја објави новата Еразмус+ програма за следниот седумгодишен период. Кој сè ќе има право да ги користи овие средства?

- Со задоволство соопштувам дека Европската комисија ја објави новата Еразмус+ програма за периодот 2021-2027 година. Оваa програма е со историски највисок буџет, кој изнесува 28,4 милијарди евра на европско ниво и вклучува повеќе од 10 милиони учесници. Програмата Еразмус + го става својот акцент на едукативните процеси, овозможува мобилности, тренинзи, обуки, како и стратешки партнерства кои го унапредуваат образованието. Република Северна Македонија е програмска земја, таа е поставена еднакво на земја-членка на Европската Унија во поглед на можностите и статусот во Еразмус+, како и Република Србија и Република Турција. Корисници на средствата што носат навистина многу можности можат да бидат градинките, училиштата, високообразовните институции, невладините организации и здруженијата, како и правни лица кои имаат добра едукативна идеја и проект кој носи додадена вредност и унапредување во образовните процеси.

За што ќе може да се користат парите?

- Еразмус+ програмата на европско ниво е поставена на два столба, и тоа мобилности, од една, и стратешки партнерства, од друга страна. Правецот и додадената вредност на проектите кои може да бидат грантирани се поставени да ги исполнуваат европските приоритети кои воедно ги имаме преземено и како национални приоритети кои носат унапредување на општествените процеси. Кога зборуваме за приоритети, тоа се зелената агенда и климатските промени, кон кои и ние како Национална агенција изразуваме посебен интерес и внимание во заштита и зачувување на животната средина. Особено важна е и дигитализацијата на општеството, како и инклузија на сите различни групи граѓани и еднаков пристап кон општествените можности. Акцент се става и на унапредување и развој на демократскиот живот и вклучување различни чинители во него. Нашата цел е што повеќе училишта, универзитети, невладиниот сектор да бидат вклучени во процесите што неминовно ќе донесат позитивни промени во нашето општество.



На кој начин ќе бидат распределувани?

- Работењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во поглед на грантирање различни проекти е строго утврдено со т.н. Водич за национални агенции, кој е изготвен од страна на Европската комисија и буквално претставува закон во нашето работење. Како институција, нашата работа е спроведување и мониторирање на процесот на подготовка, спроведување на повиците за аплицирање на национално ниво, обука за програмата на училиштата, универзитетите, здруженијата, невладините организации и правните лица кои покажуваат интерес, вклучување што повеќе чинители, како и повеќе различни извештаи на годишно ниво за процесите кои се спроведени и кои се доставуваат директно во Брисел. Процесот на оценување на проектите се спроведува од страна на надворешни експерти, избрани на јавен повик, кои не се вработени лица во Националната агенција. Експертите се луѓе кои имаат високо образование, одлично познавање на англискиот јазик, како и повеќегодишно искуство во работење со проекти од ваков или сличен тип. Следниот чекор е оценетите проекти да бидат разгледувани од страна на евалуациона комисија, која е составена од лица предложени од повеќе државни институции, како Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за млади и спорт, Бирото за развој на образование. Евалуационата комисија го утврдува целиот процес, од аплицирање преку техничка документација и квалитативна проверка дали е согласно утврдената постапка од Европската комисија. По овие фази се издава решение за грантирање на проектите согласно утврдената ранг-листа, а Националната агенција е должна само да ги спроведе донесените одлуки од експертите и евалуационата комисија.

Дали ќе гарантирате правична распределба на парите од европските фондови?

- Европската комисија има поставено фер правила, утврдени принципи и процедури во спроведувањето на процесите на грантирање на проектите преку Еразмус+ програмата. Како што веќе споменав, Република Северна Македонија е програмска земја, статус кој носи дополнителна одговорност во работењето на Националната агенција. Поставените рамки, унапредените внатрешни процедури согласно закон, транспарентното работење во поглед на експертите и евалуационата комисија, заедно со моите заложби за квалитетно спроведување и мониторирање на процесите согласно нашите надлежности, треба да овозможат правична распределба на средствата од програмата. Мој цврст став е дека следејќи ги воспоставените правила, отвораме врата за секој оној што има добар и квалитетен проект, согласно националните и европски приоритети и ако тој е во насока на унапредување на квалитетот на живот. Верувам дека квалитетните проекти што имаат и т.н. додадена вредност ќе бидат од заеднички општествен интерес и ќе влијаат директно врз унапредување на квалитетот на едукативните процеси во земјата.

Во каква состојба ја затекнавте Агенцијата кога Ве назначија за директор?

- Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е државна институција која работи согласно националните закони, но истовремено почитувајќи ги европските правила и прописи. Преку овој воспоставен систем и поради средствата со кои располага, Националната агенција носи сериозна одговорност и пред јавноста, пред националните институции, но и пред институциите во Брисел. На самиот почеток на преземање на функцијата во ноември бев соочен со сериозни предизвици во насока на враќање на нарушениот углед на институцијата во јавноста. Серијата скандали и сомнежи за злоупотреби на средства од страна на претходното раководство, за кои се водат истражни постапки во надлежните институции, беа причина за тоа. Бев веднаш соочен со потребата од внатрешна реорганизација, но и мотивација на вработените кои биле изложени на континуирана негативна работна атмосфера која се рефлектирала на квалитетот на работењето. Сето ова директно се одразува и врз корисниците, кои се соочија со многубројни предизвици како резултат на затекнатите состојби. Сепак, најголемиот предизвик со кој се соочив е да го исчистиме образот пред нашите граѓани и домашната јавност, како и да го подобриме угледот пред нашите пријатели и партнери во Брисел. Верував, и денес стојам цврсто дека единствената формула за позитивен резултат е одговорно, транспарентно и посветено работење. Националната агенција, нашите корисници, нашите вработени и партнерите се национални амбасадори во Европа на нашата земја, Република Северна Македонија.

Европската комисија пред неколку месеци отвори истрага по скандалот за можна злоупотреба на фондовите на Еразмус+ во Македонија. Истрага отворија нашите институции, како Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Дали Вие, како прв човек на Агенцијата, имате информација до каде се овие истраги?

- Преземањето на раководната функција во Националната агенција за европски образовни програми следуваше по серијата скандали и отворени постапки од страна на надлежните институции, базирани на сомнежи за незаконско работење и злоупотреба на средства. Функцијата ја презедов со јасна визија и стратегија дека работите можеме и мораме да ги промениме на подобро. Како институција постојано сме отворени за соработка за сите прашања и барања на Финансиската полиција и Обвинителството за гонење на организиран криминал. Постапките се во рацете на одговорните надлежни органи, додека согласно своите надлежности можам да кажам дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ги суспендира сите проекти што се цел на истрага. Верувам дека процесите кои се во тек, со својата завршница ќе ја изнесат вистината на виделина и ќе придонесат за враќање на угледот на институцијата.

Дали по скандалот сменивте нешто во однос на политиката на доделување на средствата? Ако да, што е променето?

- Преземањето на раководната функција во Националната агенција со себе ги понесе сите предизвици за носење суштински промени во неа. Донесовме одлуки и презедовме серија чекори во насока на зголемена транспарентност, одговорно работење и сериозност во процесите за распределба на средствата. Донесовме промени во прирачникот за внатрешни процедури, со што се подобруваат состојбите во внатрешното работење на институцијата, како и утврдување на постапката за избор на надворешни соработници, каде што целиот процес ќе се реализира преку јавни огласи. Во тек е јавниот повик за надворешни експерти – евалуатори за кои зборувавме и претходно, со што ќе биде формирана нова база на стручни лица кои ќе ги оценуваат проектите, процес кој ќе се спроведува во консултација со нашиот национален авторитет. Дополнително, поднесуваме барања до одговорните државни институции за номинирање на нови членови во евалуационата комисија. Во завршна фаза е изработката на финалната верзија на прирачникот за финансиски процедури, со кој ќе бидат јасно утврдени внатрешните активности кои повлекуваат финансиски импликации. Процесот на унапредување ќе го заокружиме со целосна дигитализација на институцијата во своето работење. Договорот за дигитализација е потпишан во декември и очекувам дека цела оваа серија на процеси за трансформација и донесени одлуки ќе ги намали ризиците и ќе придонесе за позитивни резултати во нашето работење.

Што ќе правите Вие како директор на институцијата во Вашиот мандат за да го вратите угледот и довербата во неа?

- Започнавме серија настани кои ќе придонесат за подобрување на угледот на институцијата и враќање на довербата кај младите. Тоа значи презентирање на успешни приказни и позитивни примери на веќе одобрени проекти кои се во тек, со што ја потенцираме важноста на Еразмус+ програмата. Достапни сме на социјалните мрежи и креираме нови комуникациски канали со единствена цел да допреме до секого и да отвориме можности за вклучување на сите заинтересирани страни. Започната е постапка до надлежните институции за отварање на Еразмус-канцеларии кои ќе ни служат за промоција и обука на сите заинтересирани. Моментално интензивно работиме на промоција на новата Еразмус+ програма 2021-2027 година. Изразувам задоволство за големиот интерес на потенцијалните корисници, моментално се пријавени повеќе од 550 организации и институции кои ќе учествуваат на презентациите и обуките за новата програма. Во сите западни земји функционира Еразмус-заедница која придонесува кон споделување успешни приказни и приближување на процесите за користење на грантови. Како Национална агенција ставаме акцент на постојана соработка и консултации со Министерството за образование и наука, кое воедно претставува и наш национален авторитет, Секретаријатот за европски прашања, како и нашиот партнер - Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Подаваме рака за секого и верувам дека со заеднички сили ќе успееме да го подобриме квалитетот на образованието и ќе креираме нови можности за граѓаните на нашата земја.



Фото: НАЕОПМ