Повредите од изгореници одиграле клучна улога во човечката еволуција

Повредите од изгореници одиграле клучна улога во човечката еволуција

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Изложеноста на луѓето на повреди од изгореници на висока температура можеби одиграла важна улога во нашиот еволутивен развој, обликувајќи го начинот како нашите тела заздравуваат, се борат со инфекциите и понекогаш не успеваат при екстремни повреди, се вели во ново истражување.

Повеќе од еден милион години контролата на огнот го поттикнувала човечкиот успех, од готвење и греење до технологија и индустрија, поттикнувајќи ја генетската еволуција и издвојувајќи нè од сите други видови. Но, овој однос ги изложил луѓето и на повреди на високи температури, во размери што не се споредуваат во природниот свет.

Луѓето денес преживуваат изгореници со фреквенција многу поголема од кое било друго животно. Повеќето животни целосно го избегнуваат пожарот, додека за разлика од нив, луѓето живеат покрај оган и повеќето луѓе често се случува да доживеат мали изгореници.

Студијата ја поврзува употребата на оган со еволуцијата

Една нова студија објавена во „Био есеи“, предводена од истражувачите од „Кралскиот колеџ“ од Лондон, посочува дека оваа зголемена изложеност на повреди од изгореници можеби предизвикала забележителни генетски адаптации кои ги разликувале луѓето од другите примати и цицачи. Ова, исто така, може да ги објасни и корисните одговори на тешки изгореници.

Повредите од изгореници се поделени според степен на сериозноста, при што повеќето мали повреди поминуваат сами од себе, додека тешките изгореници може да доведат до доживотен инвалидитет или смрт. Изгорениците ја оштетуваат кожата, главната заштитна бариера на телото од инфекции. Колку подолго е оштетена кожата, толку е поголем ризикот бактериите да влезат во телото и да предизвикаат огромна инфекција.

Истражувачите тврдат дека природната селекција ги фаворизирала особините што им помогнале на луѓето да преживеат мали до умерени изгореници. 

Генетски знаци на адаптација на изгореници

Истражувачите пронашле примери на гени поврзани со реакции на повреди од изгореници кои покажуваат знаци на забрзана еволуција кај луѓето. Овие гени се вклучени во затворањето на раната, воспалението и одговорот на имунолошкиот систем – тие најверојатно помагале за брзо затворање на раните и борба против инфекцијата, како и против голема компликација по повреда од изгореници, особено пред широката употреба на антибиотиците.


Овие наоди ја поддржуваат теоријата дека изложеноста на повреди од изгореници можеби била забележлива сила која влијаела врз еволуцијата на луѓето.

- Изгорениците се уникатна човечка повреда. Ниту еден друг вид не живее покрај високите температури и редовниот ризик од горење, на начинот на кој тоа го прават луѓето. Контролата на огнот е длабоко вградена во човечкиот живот - од претпочитање на топлата храна и варените течности до технологиите што го обликуваат современиот свет. Како резултат на тоа, повеќето луѓе ќе се изгорат во текот на нивниот живот, шема што веројатно се протега наназад повеќе од милион години. Нашето истражување сугерира дека природната селекција ги фаворизирала особините кои го подобруваат преживувањето од помали, почести повреди од изгореници - објаснува д-р Џошуа Кудихи, водечки автор на студијата.

Наодите на истражувачите би можеле да го променат начинот на кој ги проучуваме повредите од изгореници, како смислуваме третмани и како ги толкуваме компликациите од изгорениците.

Извор: phys.org

Фото: Freepik