AI ги открива мистериите на тајните архиви на Ватикан

AI ги открива мистериите на тајните архиви на Ватикан

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Некаде во Ватикан има тајна архива која содржи повеќе од 600 колекции од книги со пресметки, официјални акти, кореспонденција меѓу папи и други историски документи. Иако некои потекнуваат уште од осмиот век, книгите дури сега го добиваат светското внимание и тоа не само поради книгите на Ден Браун, туку и поради важните вести за дигитализација на ракописите. Проектот за дигитализирање на архивата на Ватикан и нејзино поставување на интернет имаше голем напредок по решавањето на еден проблем кој некогаш изгледаше невозможен: претворањето на ракопис во текст кој може да се пребарува на компјутер.

Проектот наречен „In Codice Ratio“ развива систем за автоматска транскрипција на содржината на ракописите која не ги користи стандардните методи за оптичко препознавање на знаци (ОЦР), кое бара празно место меѓу зборови, туку нов начин кој може да се справи со поврзаните ракописни калиграфски писма.

Ова е работа за вештачката интелигенција (AI), но во соработка со човечката интелигенција, ретко искористен извор кој научниците од проектот решија да го впрегнат: интелигенцијата на средношколците. Нивниот специјален софтвер за ОЦР работи преку делење на секој збор на серија од вертикални и хоризонтални поврзувања и ги бара локалните минимуми - потенките делови, каде што има помалку мастило (односно, помалку пиксели). Софтверот потоа ги гравира знаците, но не знае кои делови се вистински букви, а кои не, па биле ангажирани ученици од 24 училишта од Италија за да создадат „банки на меморија“, рачно одделувајќи ги буквите што системот ги препознал од оние што не се точни.


Така, учениците станале „наставници“ на системот, подобрувајќи ја неговата способност за извлекување на содржината на ракописот и не само на обичен ракопис, туку и на архаичен. Тие го правеле тоа само со кликање. Охрабрувачките резултати посочуваат дека веројатно нема да е потребно многу време пред големи делови од тајните архиви на Ватикан (кои, за разлика од преводот на името, не се толку тајни бидејќи имаат и официјална страница) конечно да станат достапни за пребарување, копирање и анализирање.