Спомените на животните и Алцхајмеровата болест

Спомените на животните и Алцхајмеровата болест

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Првпат невронаучниците од Универзитетот во Индијана демонстрираа дека животните можат ментално да си повторуваат некој спомен. Тоа е прилично спектакуларно откритие кое, исто така, може да им помогне на истражувачите да развијат нови терапии за Алцхајмеровата болест и слични болести.

- Причината поради која сме заинтересирани за меморијата на животните не е само за да ги разбереме животните, туку и да развиеме нови модели на меморија кои се совпаѓаат со видовите меморија што се оштетени ако лицето има Алцхајмерова болест - истакнува невронаучникот Џонатон Кристал, кој е водечки истражувач.

Иако научниците веќе знаеја дека глувците можат да запомнат повеќе уникатни епизоди, досега не беше познато дали тие можат да се присетуваат на низа настани редоследно. Откритието може да ја промени парадигмата за истражувањето на губењето на меморијата поради Алцхајмеровата болест.

Со години повеќето претклинички студии за лековите за Алцхајмеровата болест се вртеа околу тоа како овие лекови влијаат врз тестовите за просторна меморија - претежно бидејќи просторната меморија се мери лесно кај животните.

Ова беше многу ограничувачко за експериментите бидејќи најисцрпувачките ефекти на Алцхајмеровата болест не се предизвикани од просторната меморија.

- Ако вашата баба страда од Алцхајмерова болест, еден од најтрогателните аспекти на болеста е што таа не може да запомни што сте ѝ кажале за настаните од вашиот живот последниот пат кога сте се виделе. Ние сме заинтересирани за епизодните спомени и нивното повторување бидејќи таа меморија ослабува со Алцхајмеровата болест и со стареењето генерално - истакнува Даниеле Паноз-Браун, која е главната авторка.

Фото: Pexels

Епизодната меморија е различна од просторната. Тоа е нашата способност да се присетуваме на некои настани во одреден ред. Класичен пример за епизодна меморија е кога ќе загубите нешто, па се трудите да се присетите на редоследот на настаните за да се сетите каде ви е нештото. Ова е една од причините зошто луѓето кои се со слаба меморија секогаш забораваат каде ставиле нешто.

За да се сетите каде ги оставивте клучевите од автомобилот, на пример, морате ментално да трагате по вашите чекори од „епизода“ до „епизода“. Но, ако не можете да се сетите на секоја епизода или да ги подредите епизодите по хронолошки ред, вие ќе се збуните и ќе останете без клучевите.

За да се сфати како точно се мери епизодната меморија кај животните, лабораторијата на Кристал минала речиси една година работејќи со 13 глувци. Истражувачите првин ги тренирале глувците да запомнат 12 уникатни мириси по ред. Тогаш глувците биле ставени во неколку „арени“, секоја со малку поразлична мостра од овие 12 мириси. Во арените глувците биле наградени ако ги идентификувале вториот и четвртиот мирис на листата.

Истражувачите сакале да се осигурат дека глувците се сеќаваат не само на одредени настани, туку и на текот на настаните по точниот редослед. Тимот го измешал редоследот на листата пред секој тест за да се осигури дека овие глувци ја користат нивната епизодна меморија за да се присетат на листата, а не дека го користат само сетилото за мирис за да го идентификуваат познатиот мирис.

Глувците успеале да ја извршат задачата во 87 отсто од случаите. Според Кристал, ова е многу силен доказ дека тие користат повторување на епизодната меморија.

Некои последователни експерименти потврдиле дека овие спомени биле долготрајни и биле отпорни на „мешање“ од други спомени - два аспекта што се карактеристични за епизодната меморија.

Преку повремено инхибирање на хипокампусот, истражувачите биле во можност да потврдат дека глувците го користеле овој дел од мозокот за да го идентификуваат мирисот.

Истражувачите биле убедени дека навистина првпат докажале дека животните можат да користат епизодна меморија кога се обидуваат да се сетат на редоследот на настаните.

Резултатите сугерираат дека глувците можат да бидат искористени како модели за истражување на функционирањето на човековата епизодна меморија.

Следниот чекор е да се измислат нови начини на тестирање и мерење на епизодната меморија кај глувците. На тој начин, идните претклинички истражувања на лековите за Алцхајмеровата болест можат да почнат да се приближуваат до епизодната и просторната меморија.