Чернобилскиот реактор повторно е активен. Ситуацијата е неизвесна

Чернобилскиот реактор повторно е активен. Ситуацијата е неизвесна

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

По триесет и пет години од најлошата нуклеарна несреќа во историјата во Чернобил, Украина, фисиската реакција повторно тлее во ураниумското гориво закопано длабоко на местото каде што се наоѓа реакторот.

- Тоа е како жар на скара - вели Нил Хајат, хемичар за нуклеарни материјали на Универзитетот во Шефилд, Велика Британија. Украинските научници се обидуваат да утврдат дали реакцијата ќе помине сама од себе или ќе бидат потребни вонредни интервенции за да се спречи нова несреќа.

Сензорите покажуваат зголемен број на неутрони, што е сигнал за фисија која тече од непристапна просторија, рече Анатолиј Дорошенко од Институтот за проблеми со безбедноста на нуклеарната централа (ИСПНПП) во Киев, Украина, минатата недела за време на дискусиите за демонтирање на реакторот.

- Постои неизвесност и не можеме да ја исклучиме можноста за несреќа. Бројот на неутрони полека расте - вели Максим Савеjeев од ИСПНПП, посочувајќи дека експертите имаат уште неколку години да откријат како да ја смират заканата. Секое решение внимателно ќе го следат експерти од Јапонија, која сè уште се справува со последиците од нуклеарната катастрофа пред 10 години во Фукушима.

Кога дел од јадрото на реакторот број 4 се стопи, на 26 април 1986 година, прачки за гориво од ураниум, нивното обложување со циркониум, контролни прачки од графит и песок биле вметнати во јадрото за да се изгасне пожарот, а потоа се стопиле во лава. Таа лава потонала во подрумот на салата на реакторот и се зацврстила во формации наречени материјали што содржат гориво (ФЦМ). Материјалите содржат околу 170 тони радиоактивен ураниум, или околу 95 отсто од оригиналното гориво.

1
Подготвителни чекори за монтирање на саркофагот во 1986 година
Фото: Wikipedia

Бетонско-челичниот саркофаг наречен „Засолниште“, подигнат една година по несреќата, кој содржи остатоци од реакторот број четири, овозможил продирање на дождовницата. Бидејќи водата ги забавува или смирува неутроните и со тоа ги зголемува шансите за распад на јадрото на ураниум, пообилните дождови понекогаш би можеле да го зголемат бројот на неутрони. По поројниот дожд во јуни 1990 година научник од Чернобил, кој ризикувал да се изложи на зрачење со влегување во оштетена реакторска сала, распрснал раствор на гадолиниум нитрат кој апсорбирал неутрони во ФЦМ, за кој тој и неговите колеги стравувале дека може да стане критичен. Неколку години подоцна, прскалки со гадолиниум нитрат биле поставени на покривот на саркогафот. Но, спрејот не можел ефикасно да навлезе во некои подрумски простории.

Официјалните лица во нуклеарната централа во Чернобил претпоставувале дека секој ризик ќе исчезне откако била поставена масивната Нова безбедносна рамка (НУК) над саркофагот во ноември 2016 година. Изградбата вредна 1,5 милијарда евра требало да го обезбеди саркофагот за да може да се стабилизира и на крајот да се расклопи. НУК, исто така, го спречува продирањето на дождот и, откако била инсталирана, бројот на неутрони во повеќето области на саркофагот е стабилен или опаѓа.

Сепак, на некои места бројот на неутрони почнал да расте. На пример, тој е двојно зголемен во последните четири години во просторијата 305/2, каде што тони ФЦМ се закопани под урнатините. Моделите на ИСПНПП сугерираат дека сушењето на гориво ги прави неутроните уште поефикасни при расцепување на јадрата на ураниум.

- Тоа се убедливи и веродостојни податоци. Едноставно не е јасно за што станува збор - вели Хајат.

2
Саркофагот во 2006
Фото: Wikipedia

Таа закана не може да се игнорира. Како што водата се повлекува, постои страв дека реакцијата на расцепување ќе се забрза експоненцијално, што ќе доведе до неконтролирано ослободување на нуклеарната енергија. Нема шанси да се повтори 1986 година, кога експлозија и пожар ширеа радиоактивен облак над Европа. Неконтролираната реакција на фисија во ФЦМ може да се распрсне откако топлината ќе ја зоврие преостанатата вода. Но, според Савејеев, иако секоја експлозивна реакција би била ограничена, тоа може да доведе до колапс на нестабилни делови на разнишаниот саркофаг, полнејќи го НСЦ со радиоактивна прашина.

Нивото на зрачење во просторијата 305/2 спречува луѓето да се приближуваат и да инсталираат сензори. Прскањето гадолиниум нитрат на нуклеарни остатоци не е опција, бидејќи тие се покриени со бетон. Постои идеја да се направи робот што може да издржи интензивно зрачење доволно долго за да отвори дупки во ФЦМ и да вметне цилиндри од бор, кои би функционирале како контролни прачки и би собирале неутрони. Во меѓувреме, ИСПНПП има намера да го засили надзорот над две други области каде што ФЦМ може да стане критичен.

Враќањето на реакцијата на фисија не е единствениот предизвик со кој се соочуваат чуварите на Чернобил. Под интензивно зрачење и висока влажност, ФЦМ се распаѓа и создава уште поголема радиоактивна прашина, што ги комплицира плановите за демонтажа на саркофагот. На почетокот, формацијата на ФЦМ била наречена „Слонова нога“ затоа што била толку тврда што научниците морале да користат пушка „калашников“ за да отцепат парче за анализа.

- Сега, повеќе или помалку, има конзистентност на песок - вели Савеjeев.

Украина веќе долго време има намера да го отстрани ФЦМ и да го чува во геолошко складиште. До септември, со помош на Европската банка за обнова и развој, има намера да донесе сеопфатен план за елиминирање на ФЦМ. Но, да се закопаат активните остатоци од реакторот во саркофагот, можеби ќе биде потешко отколку што се мислеше.

Извор: Science
Фото: Wikipedia