Младите без родители во нашата земја живеат под „отворено небо“

Младите без родители во нашата земја живеат под „отворено небо“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Се залагаме за пристапен државен систем за овие лица, еднаков како за другите. Пристапен пазар на труд, соодветно и бесплатно здравство и покрив над глава за сите. Општество каде што нема да бидат покажувани со прст, вели претседателката на Здружението за помош и поддршка на деца и млади без родители, Цеце Николова

Првото здружение на граѓани со целна група млади во социјален ризик во Македонија - „За тебе Скопје (4U)“ работи со млади лица кои до 18-годишна возраст имаат статус на дете без родители. Целта е да им помага на младите од социјален ризик да станат дел од општеството како одговорни луѓе. Идејата за отворање ваква организација во земјава се појавила откако претседателката на здружението, Цеце Николова, која и самата пораснала без родители, сфатила дека овие лица се оставени сами на себе по навршување 18 години.

Оставени на маргините на општеството

- Здружението за помош и поддршка на деца и млади без родители е основано во интерес на потребите на оваа категорија лица. Лица кои најчесто се на раб на егзистенција, млади отфрлени и оставени на маргините на општеството. Млади на кои пристапот до сервисните услуги на државата им е или отежнат или невозможен. Оваа организација е каналот и пристапот на овие млади до нивните права. Како секој млад во нашата земја, така и овие лица се соочуваат со истите проблеми. Но, пристапот за решавање на проблемите им е значително отежнат на младите без родители и родителска грижа отколку на другите млади. Обезбедување образование, вработување, домување и здравствена заштита е засебниот фокус на работа на нашето здружение - истакнува Цеце Николова.
Едно од горливите прашања со кои се соочуваат младите без родители е станбеното прашање. Неретко се оставени на маргините, се сметаат за граѓани од втор ред, низ тешки маки и борби минуваат за да го добијат она што го заслужуваат, а во повеќето случаи не го ни добиваат она што законски им следува. Водат крпен живот. Едвај покриваат кирии, сметки, живеат во супстандардни услови. Како што велат тие - не живеат, туку преживуваат.



Борбата да се преживее денот е секојдневие на овие луѓе

- Младите без родители во нашата земја живеат под „отворено небо“. Кога велам отворено небо, фигуративно сакам да ја истакнам алармантноста на ова прашање. Млади луѓе од 18 до 29 години живеат во лоши услови, во руинирани станови - тоа е она што можат да си ги дозволат со нивните смешни примања. Нивните станови загарантирани со закон се предмет на расправа во некои други кругови, само не во кругот и интересот на оваа ранлива категорија граѓани. Во моментов повеќе од 15 млади се на листа на чекање со образложение дека под Агенција за стопанисување на деловен и станбен простор во сопственост на РСМ за станбено прашање нема станови слободни за овие млади. За овие лица е потребно само владеење на правото и праведност, ништо повеќе - категорична е Николова.

Реалното секојдневие на оваа категорија граѓани е страшно, исцрпувачко, тажно.


- Борбата да се преживее денот е секојдневие на овие луѓе е. Работа што може да си ја дозволат ако имаат среќа е шанкер, келнер, магационер, хигиеничар, продавач... Работни позиции кои се најниски на пазарот на трудот. Денот почнува со броење на парите за денеска и со мислата за тековните трошоци, со надеж дека ќе биде подобро. Само надежта остана - вели Цеце.

Но таа и нејзиниот тим не застануваат овде и неуморно се залагаат да иницираат промени, да ја направат Македонија поудобно место за живеење и да обезбедат подобро утре за младите без родители.



- Како здружение се залагаме за пристапен државен систем за овие лица, еднаков како за другите. Пристапен пазар на труд, соодветно и бесплатно здравство и покрив над глава за сите. Општество каде што нема да бидат покажувани со прст. Општество достапно и отворено за сите, но и за нив - дополнува Цеце Николова.

Фото: приватна архива