Техничкиот факултет при УКЛО се вклучи во одбележувањето на Денот на културата во сообраќајот

Техничкиот факултет при УКЛО се вклучи во одбележувањето на Денот на културата во сообраќајот

Сообраќајната единица при Техничкиот факултет – Битола, во соработка со општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Битола, СВР Битола, републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, вклучувајќи ја и поддршката од Универзитетското студентско собрание, преку сообраќајно-едукативни патроли во градот Битола го одбележа 11 Mај, Денот на културата во сообраќајот.

Традиционално, на неколку локации во Битола, овие патроли со инвентивни подароци  ги „наградија“ учесниците во сообраќајот што се однесуваат во согласност со правилата и прописите (како знак на поддршка и понатаму да продолжат да ги почитуваат правилата), но исто така, доделени беа и соодветни „подароци“, односно летоци со  правила и прописи во сообраќајот, за несовесните учесници во сообраќајот како сеќавање на направениот сообраќаен прекршок.

uklo

Оваа иницијатива потекнува од Унгарската научна асоцијација за транспорт и има цел да опфати повеќе европски градови кои со свои активности ќе дадат придонес кон подигнување на свеста на учесниците во сообраќајот. Сакам да потенцирам дека со организација на овој настан, петта година по ред, Општина Битола продолжува да биде член од едно поголемо семејство европски градови кои ја предводат големата европска иницијатива за одбележување на 11 Мај како ДЕН НА КУЛТУРАТА ВО СООБРАЌАЈОТ. Односно, Битола, преку Техничкиот факултет - Битола и УКЛО, а со тоа и Македонија, и понатаму продолжува да биде интернационален партнер на унгарската идеја за промоција на културата во сообраќајот, заедно со Шчеќин од Полска, Загреб од Хрватска и Виена од Австрија.

3

4

Сообраќајната култура е специфичен вид култура која треба да ја поседува и секојдневно да ја практикува секој учесник во сообраќајот, вели студентката Верче Конеска од Техничкиот факултет - Битола и еден од активните учесници на овој и на други слични настани.

Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено  претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура претставува начин на перципирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесници во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

5

Културата во сообраќајот е концепт чиј развој, продлабочување и подигнување се национално прашање. Имено, уште во 2011 година дури 90 држави во светот пристапија кон изработка на програма за безбедност на патиштата во рамките на „Декадата на акции за безбедност на патиштата, 2011-2020“, усвоена на Генералното собрание на Обединетите нации. Така, имајќи го ова предвид и препознавајќи ја потребата да се зајакне свеста за културата во сообраќајот, унгарското министерство за национален развој, националниот комитет за превенција на сообраќајни незгоди во рамките на унгарската полиција, Институтот за транспортни науки и автомото-клубовите, а со поддршка на канцеларијата на Светската здравствена организација во Унгарија, на 11 мај 2015 година првпат организирале настан во чест на подигнувањето на свесноста за значењето на културното однесување врз безбедноста во сообраќајот, кој прераснал во традиционален ден познат како ДЕН НА КУЛТУРАТА ВО СООБРАЌАЈОТ, кој годинава се слави по 8. пат.

6

Техничкиот факултет - Битола & УКЛО е партнер од 2018 година, така што оваа ни е четврта година по ред како го празнуваме 11 Мај, за жал, втора година со онлајн активности. По успешните 2018 и 2019 година исполнети со многубројни теренски активности, плодни акции и многу вложен труд, а како носител и организатор на активностите, професорката Јасмина Буневска-Талевска од Техничкиот факултет – Битола, УКЛО, беше наградена со стаклена плакета за успешност, а во 2019 година ја понесе почесната титула амбасадор на културата во сообраќајот, потенцира Верче Конеска.

Сообраќајно-едукативни патроли, иако симболично, имаа цел да ги промовираат двата основни модели за подобрување на сообраќајната култура во локалната и поширока заедница, а тие се: превентивниот и репресивниот модел. Превентивниот модел се заснова на активности чија основна задача е да влијаат на промената и развојот на свеста кај учесниците во сообраќајот.

7

Научноистражувачките трудови од сообраќајната насока при ТФБ Битола, реализирани со анализи од терен, покажуваат дека годишно во нашата држава во сообраќајни незгоди страдаат 25-30 млади лица, а тоа ни е повеќе од доволен податок зошто родителите се многу загрижени за безбедноста на нивните деца во сообраќајот. Впрочем, најефективен начин да се победи оваа грижа е да се едуцираат и децата и возрасните за нивната улога во сообраќајот, за почитувањето на прописите и културата во сообраќајот, за тоа како безбедно да се движат, но пред сè за потребата да бидат внимателни.

Карактеристично во нашата земја е тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а не кај себеси.

укло

Да заклучам, со ваквиот начин на одбележување на Денот на културата во сообраќајот, идејата на организаторите на овој настан беше да им се потенцира на сите учесници во сообраќајот дека постојат јасно дефинирани и прецизни правила и прописи кои сите треба да ги знаат, но и да ги почитуваат. Исто така, им се укажа дека унапредувањето на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.

Верче Конески, студент, Технички факултет

(Комерцијална објава)