Електричните автомобили се поскапи за возење од бензинците и дизел-возилата, заклучија германски експерти
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Електричните автомобили стануваат сѐ подостапни на пазарот, а нивните цени, за разлика од цените на бензинците и дизел-возилата, паѓаат. Но, што е со вкупните трошоци?
Германскиот автоклуб АДАЦ пресмета кој вид погон е поевтин, споредувајќи ги трошоците за електричните автомобили, плаг-ин хибридите и автомобилите со мотори на внатрешно согорување, а вистината е прилично тажна за љубителите на електрични автомобили.
Експертите од АДАЦ во април направиле голема анализа на сите трошоци за возење за да пресметаат дали се исплати преминувањето на електричен или хибриден автомобил. Резултатот е прилично неповолен за „зелената“ алтернатива. Ако се земат предвид сите трошоци за автомобилите, од куповната цена, преку оперативните трошоци и трошоците за одржување, до губењето на вредноста - бензинците и дизел-возилата се главно во предност, во зависност од моделот.
Иако цените на новите електрични автомобили паѓаат, електричните автомобили општо се поскапи од возилата со мотори на внатрешно согорување, што влијае врз амортизацијата, а со тоа и врз вкупните трошоци. Зголемените трошоци за полнење и моментално прилично умерените цени на бензинот и дизелот, исто така, придонесуваат кон фактот дека автомобилите со внатрешно согорување општо се поповолни во однос на трошоците.
За разлика од автомобилите со внатрешно согорување, каде што од АДАЦ ги пресметале трошоците користејќи ја цената на горивата во последните три месеци, трошоците за електрична енергија за електричните автомобили многу зависат од индивидуалните околности. На пример, некој што го полни автомобилот само дома, има сопствен фотонапонски систем и евентуално користи динамична тарифа за електрична енергија за домаќинство, ќе има многу помали трошоци за енергија од некој што не може да полни приватно и зависи само од јавната инфраструктура за полнење со моментално високи тарифи.
Затоа, од АДАЦ спровеле четири различни пресметки на трошоците врз основа на различните цени на електричната енергија и ги споредиле трошоците за бензините, дизелите, хибридните и електричните автомобили. Трошоците за електрична енергија се темелат на 18 центи за kWh за полнење преку сопствен фотонапонски систем (бидејќи не е можно секогаш да се смета на струја од фотонапонски извори, зависно од временските услови), 35 центи ако возилото се полни дома со користење „нормална“ тарифа за електрична енергија и 45 центи за полнење дома, но повремено и на јавно место. Исто така, од АДАЦ претпоставуваат 60 центи по kWh во случај електричниот автомобил да се полни само со јавна електрична енергија.
Тука треба да се напомене дека електричната енергија за домаќинства е поскапа од нашата, па оваа пресметка не би можела да важи и за македонски услови.
Со цена за електричната енергија од 60 центи за киловат-час, електричните автомобили не се ценовно конкурентни во споредба со бензинците и дизел-возилата. Во само 16 % од испитаните модели возењето електричен автомобил е поевтино.
Со претпоставена цена за струја од 45 центи, 22 % од електричните автомобили победуваат во споредба на трошоците.
Дури и на оние што сметаат на најниски цени од 18 центи за киловат-час, обично возењето им е поскапо од она на сопствениците на автомобили со мотори со внатрешно согорување. И со таа цена на електричната енергија автомобилите на струја победуваат во само 36 % од случаите.
Од АДАЦ заклучуваат дека дури кога трошоците за електрична енергија и набавните цени на електричните автомобили ќе паднат, електричните автомобили ќе бидат поконкурентни во смисла на вкупните трошоци и исплатливоста.
Подетални резултати од оваа споредба, со конкретни модели, можете да погледнете
ТУКА.
Извор:
Jutarnji
Фото: Freepik