Во време кога насловите во медиумите личат на трејлери за апокалиптични филмови, сè уште постојат безбедни места каде што луѓето не ги заклучуваат вратите, слободно се шетаат по полноќ и најголемата грижа на полицијата е спасување мачки од дрвја.
Ова е елитата на најбезбедните држави во светот за 2025 година, земји со толку ниски стапки на криминал што статистичарите се возбудуваат. Додека повеќето луѓе поставуваат уште еден катанец и симнуваат апликации за безбедност, граѓаните на овие земји се загрижени за „проблеми“ како преголема покриеност од здравствениот систем или премногу здрав баланс меѓу работата и приватниот живот.
Што е Глобалниот индекс на мир?
Индексот за глобален мир за 2024 година рангира 163 земји, покривајќи 99,7 отсто од светската популација, според 23 квалитативни и квантитативни фактори, како што се: перцепција за криминал, воени трошоци, внатрешни конфликти и политичка нестабилност.
Најбезбедните земји имаат заеднички карактеристики: висок степен на богатство, силни социјални системи, квалитетно образование, ефикасно судство, стабилни влади, ниско ниво на сиромаштија и развиена здравствена заштита.
Во продолжение се топ-10 најбезбедни земји во светот во 2025 година. Секоја држава добила оцена од 1 до 5, со тоа што колку е пониска оцената, толку е побезбедна земјата.
1. Исланд - оцена според индексот на мир: 1.112
Исланд останува на врвот на глобалниот мир држејќи ја првата позиција уште од 2008 година. Оваа нордиска островска нација ја совладала уметноста на тишината со ниските стапки на криминал и политиката на избегнување на надворешни конфликти, а нема ни армија.
Лична безбедност: Криминалот е минимален, но се препорачуваат стандардни мерки на претпазливост.
Јавно здравје: Исланѓаните имаат просечен животен век од 82,6 години, што е повисоко од просекот на ЕУ од 80,9 години. Здравствениот систем е претежно финансиран со даноци, иако пациентите придонесуваат за некои трошоци, со максимум од 251 евро месечно.
Животна средина: Исланд ги надминува упатствата на Светската здравствена организација за квалитетот на воздухот и има мал број опасни видови диви животни, што го прави практикувањето на надворешни активности, како што е пешачењето, особено безбедно. Иако земјотреси и вулкански ерупции се случуваат периодично, тие ретко го загрозуваат населените области.
2. Ирска - оцена според индексот на мир: 1.303
Ирска ја зазема втората позиција со резултат од 1.303. Националната полициска сила, „Garda Síochána“ што значи „стражари на мирот“, ефикасно се грижи за безбедноста на граѓаните. Силната и стабилна економија на Ирска, минималните внатрешни конфликти и пријатниот став кон мигрантите дополнително придонесуваат за нејзината мирна позиција.
Лична безбедност: Додека стапките на криминал во Ирска генерално опаднале во последните години, некои области на загриженост остануваат. Кражби, измами и забележан криминал имаа пораст во 2023 година. Без оглед на својата сложена историја, современа Ирска се смета за многу безбедна, со занемарлив ризик од опасности поврзани со конфликти.
Јавно здравје: Ирска обезбеди 25,8 милијарди евра за здравствени услуги во 2025 година, што претставува зголемување од 2,94 милијарди евра во споредба со 2024 година.
Животна средина: Има напредок во подобрувањето на квалитетот на воздухот во урбаните средини и во намалувањето на зависноста од депонии, иако сега извезува значителна количина отпад. Планот за климатска акција 2024 обезбедува патоказ за преполовување на емисијата на јаглерод до 2030 година.
3. Австрија - оцена според индексот на мир: 1.313
Австрија го зазеде 3. место со резултат од 1.313, покажувајќи извонредни резултати во повеќе области на Глобалниот индекс на мир. Најзначајно, економските трошоци од насилство во Австрија изнесуваат само 4,23 отсто од БДП, што е едно од најниските нивоа во светот. Ниските стапки на криминал и силниот судски систем ја зајакнуваат нејзината мирна средина.
Лична безбедност: Сериозниот криминал е редок, ситниот криминал е во мал пораст.
Јавно здравје: Здравствениот систем на Австрија обезбедува универзално покритие со добра пристапност, финансирано преку даноци и здравствено осигурување.
Животна средина: Емисијата на стакленички гасови е зголемена за 5 отсто во изминатите три децении. Со тоа, таа е една од само шесте земји членки на ЕУ што не покажале напредок во овој период. Сепак, државата си постави амбициозна цел за јаглеродна неутралност до 2040 година.

Фото: Wikipedia
4. Нов Зеланд - оцена според индексот на мир: 1.323
Најмирната земја во Азиско-пацифичкиот Регион е позната по пријателски и солидарни заедници.
Лична безбедност: Исклучително ниска стапка на криминал.
Јавно здравје: Земјата одржува универзален здравствен систем кој обезбедува бесплатна или субвенционирана здравствена заштита за поголемиот дел од жителите, вклучително и за странците со регулиран престој или работни визи во траење од најмалку две години. Пакетот „Воут хелт“ на Нов Зеланд издвојува 16,68 милијарди новозеландски долари за периодот од 2024 до 2026 година.
Животна средина: Порастот на нивото на морето ја зголемува фреквенцијата на поплави во крајбрежните области, што потенцијално создава трошоци за сопствениците на домови и жителите во засегнатите подрачја. Националниот еколошки регулатор работи на подобрување на еколошките индикатори, вклучително и на целта за нето-нулта емисија до 2050 година.
5. Сингапур -
оцена според индексот на мир: 1.339
Сингапур првпат се наоѓа меѓу првите пет држави на Глобалниот индекс на мир. Сингапур особено се истакнува во областите на безбедност и сигурност, како и во контекстот на тековни конфликти.
Лична безбедност: Иако сериозниот криминал е редок во Сингапур, се случуваат ситни прекршоци како крадење, па затоа се препорачуваат основни безбедносни мерки. Ниската стапка на криминал во земјата најмногу се должи на строгите закони и ригорозната примена.
Јавно здравје: Квалитетот на здравствената заштита во Сингапур е споредлив или подобар од оној во земји како Австралија. Сеопфатното здравствено осигурување е задолжително и за жителите и за посетителите.
Животна средина: Сингапур обично одржува добар квалитет на воздухот, иако тој може да се влоши во сезоната на шумски пожари, особено во периодот на монсуни од август до октомври. Индустриското загадување сè повеќе претставува закана за воздухот.
6. Швајцарија - оцена според индексот на мир: 1.357
Швајцарија го зазема 6. место на Глобалниот индекс на мир со резултат 1.357. Швајцарија постојано се рангира меѓу најбогатите земји во светот, со БДП по глава на жител над 93.000 долари во 2024 година.
Лична безбедност: Швајцарија има извонредно ниска стапка на насилен криминал, со една од најниските стапки на убиства во светот, 0,5 на 100.000 жители. Дури и во поголемите градови како Цирих и Женева, жителите велат дека се чувствуваат безбедно да шетаат сами ноќе. Полицијата е ефикасна и присутна, а притоа ги почитува граѓанските слободи.
Јавно здравје: Швајцарскиот здравствен систем постојано се наоѓа меѓу најдобрите во светот, комбинирајќи универзална покриеност со здравствена грижа од висок квалитет. Просечниот животен век е импресивни 84,3 години, еден од највисоките во светот.
Животна средина: Швајцарија има еколошки стандарди кои се меѓу највисоките во Европа, со строги регулативи за заштита на квалитетот на воздухот и водата. Над 70 отсто од отпадот се рециклира – една од највисоките стапки во светот.

Фото: Pexels
7. Португалија - оцена според индексот на мир: 1.375
Португалија го зазема 7. место на Глобалниот индекс на мир за 2024 година со резултат 1.366, одржувајќи стабилна позиција меѓу најмирните земји во светот во изминатата деценија. Благодарение на демократската стабилност, ниското ниво на криминал и прифатливите животни трошоци, Португалија е особено привлечна и за туристи и за иселеници.
Лична безбедност: Португалија има многу ниска стапка на криминал – далеку под европскиот просек. Насилниот криминал е редок, а најчестите прекршоци се ситни кражби во туристичките зони. Жителите и посетителите генерално се чувствуваат безбедно, дури и навечер.
Јавно здравје: Здравствениот систем на Португалија е со висок квалитет, со државни болници и приватни клиники кои нудат сеопфатна грижа. Земјата има просечен животен век од околу 82 години. Вакцинацијата, јавната хигиена и пристапот до лекови се на високо ниво, а загаденоста од индустрии е многу ниска.
Животна средина: Португалија е меѓу европските лидери во обновливи извори на енергија. Дури 60 отсто од електричната енергија доаѓа од ветер, сонце и хидроцентрали. Квалитетот на воздухот и на водата е висок, иако некои урбани подрачја понекогаш се соочуваат со проблеми со отпад.
8. Данска - оцена според индексот на мир: 1.383
Данска се најде на 8. место со резултат од 1.383. Оваа скандинавска нација постојано се наоѓа високо на глобалните листи за среќа благодарение на својот сеопфатен систем на социјална помош и високата општествена доверба, кои значително придонесуваат за нејзината мирна средина.
Лична безбедност: Данска одржува изразено ниски стапки на криминал, при што насилните инциденти се ретки. Стапката на убиства е само 0,8 на 100.000 жители. Дури и во Копенхаген перцепцијата за безбедност е висока, со 91 отсто од жителите кои се чувствуваат безбедно кога шетаат сами навечер.
Јавно здравје: Здравствениот систем на Данска е пример за северниот модел на социјална благосостојба, обезбедувајќи пристап финансиран преку прогресивно оданочување.
Животна средина: Данска се соочува со малку природни опасности, освен повремените бури од Северното Море. Земјата имплементира амбициозни еколошки политики, вклучително и планови за намалување на емисиите на јаглерод за 70 отсто до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година. Квалитетот на водите е меѓу највисоките во Европа.
9. Словенија - оцена според индексот на мир: 1.396
Словенија се најде на 9. место со резултат од 1.396, што е импресивно за една нација која стана независна дури во 1991 година по распадот на Југославија.
Лична безбедност: Словенија одржува исклучително ниски стапки на криминал, при што стапката на убиства е само 0,7 на 100.000 жители. Земјата во голема мера избегнала политичка поларизација која ги зафаќа многу европски нации, што придонесува за општествената стабилност.
Јавно здравје: Здравствениот систем на Словенија обезбедува универзално покритие преку комбинација на јавно финансирање и дополнително осигурување. Очекуваниот животен век е 81,9 години, што е над просекот на Европската Унија.
Животна средина: Словенија ужива во извонреден квалитет на животната средина, со повеќе од 60 отсто од нејзината територија покриена со шуми.
10. Малезија - оцена според индексот на мир: 1.403
Малезија ги заокружува топ-10 земји со резултат од 1.403, што претставува импресивно подобрување од 19. место во 2023 година и подобрување на индексот за 8,6 отсто.
Лична безбедност: Малезија успешно ги намали стапките на криминал во последната деценија, со намалување на насилниот криминал за околу 40 отсто од 2015 година.
Јавно здравје: Малезија функционира со двослоен здравствен систем кој комбинира јавни услуги за сите граѓани со приватен систем кој нуди дополнителни опции.
Животна средина: Земјата се соочува со неколку еколошки предизвици, вклучувајќи сезонски чад од шумски пожари и повремени поплави за време на монсунските сезони.
Фото: Iceland 24