„Бритиш ервејс“ ќе им плаќа до 100.000 долари годишно на пилоти за да преместуваат авиони, а не да летаат со нив

„Бритиш ервејс“ ќе им плаќа до 100.000 долари годишно на пилоти за да преместуваат авиони, а не да летаат со нив

„Бритиш ервејс“ вработува искусни пилоти за управување со авиони меѓу терминалите на аеродромот „О’Хара“ во Чикаго, една од најнеобичните работни позиции во авијацијата, која нуди солидна плата без ниту едно полетување или слетување.

Новата работна позиција за пилоти е опишана како онолку специфична колку што може да биде една пилотска работа.

„Бритиш ервејс“ моментално бара пилоти за широкотрупни авиони, но избраните кандидати нема да полетуваат, ниту ќе слетуваат со леталата. Наместо тоа, британската национална авиокомпанија бара искусни пилоти кои едноставно ќе ги возат авионите меѓу терминалите на меѓународниот аеродром „О’Хара“ во Чикаго.

Огласот, објавен на веб-страницата за кариера на „Бритиш ервејс“, нуди плата од 90.000 до 100.000 долари (од 76.995 до 85.551 евра), но пилотите никогаш нема да полетаат.

Меѓу условите за работното место се наведуваат неодамнешно искуство во управување со „боинг 777“ или „787“ како капетан или прв офицер, како и подготвеност за учење и приспособување кон стандардните оперативни процедури на „Бритиш ервејс“ и високо ниво на познавање на процедурите на аеродромот „О’Хара“ во Чикаго.

Зошто воопшто постои ваква работа?


На главниот аеродром во Чикаго, летовите на „Бритиш ервејс“ пристигнуваат на терминал 5, а полетуваат од терминал 3. Тоа значи дека се потребни искусни пилоти за да ги придвижуваат авионите меѓу двете локации.

Иако ваквата работа не е целосно непозната, сепак е невообичаена.

На повеќето аеродроми земјените екипи користат специјални возила за оттурнување на авионите за нивно преместување. Но, поради повеќе причини, на „О’Хара“ е поефикасно и побезбедно да се користат сопствените мотори на авионот.

Очекувано, оваа позиција е помалку платена од работните места за пилоти со помало искуство во водечките американски авиокомпании.

Според податоците на школата „ATП флајт скул“, авиокомпании како „Американ ерлајнс“ и „Јунајтед ерлајнс“ нудат почетна плата повисока од 117.000 долари (100.094 евра).

Иако позицијата изгледа многу необично, таа всушност не е сосема нова.


„Бритиш ервејс“ моментално има секојдневни директни летови од лондонскиот аеродром „Хитроу“ до Чикаго и планира да ја прошири својата мрежа на долголиниски летови кон САД и други дестинации.

Од зимата 2026 година компанијата ќе ги зголеми летовите до Њу Орлеанс на четири неделно, линијата до Балтимор ќе стане секој ден, а Хјустон ќе добие 12 лета неделно.

Авиокомпанијата се надева дека до крајот на годинава ќе ја зголеми својата меѓународна мрежа на долголиниски летови за 9 отсто преку зголемување на бројот на летови. Исто така, воведува и две нови директни дестинации - Мелбурн во Австралија и Коломбо во Шри Ланка.

Извор: Euronews.com
Фото: Unsplash