Полицијата од Мајами поднесе тужба против Мет Дејмон и Бен Афлек поради филмот „Пленот“
Полицијата од Мајами поднесе тужба против продуцентската куќа на актерите Мет Дејмон и Бен Афлек поради погрешно прикажување на полицајци во филмот „Пленот“.
Филмот, кој е достапен на „Нетфликс“ од јануари, започнува со напомена дека е базиран на вистински настани, а приказната е инспирирана од рација од 2016 година во Мајами Лејкс.
При таа акција полицијата на округот Мајами-Дејд запленила повеќе од 24 милиони долари во готовина поврзани со перење пари, што се смета за најголемата заплена во историјата на службата.
Сепак, полицајците што учествувале во акцијата тврдат дека во филмот има измислени сцени кои ги прикажуваат како корумпирани, поврзани со наркокартели и вмешани во незаконско присвојување пари.
Во тужбата се наведува дека таквиот приказ сериозно го нарушил нивниот професионален углед. Еден од детективите, Џонатан Сантана, изјавил дека дури и насловот на филмот е навредлив и дека по премиерата станал предмет на потсмев.
- Луѓето ме прашуваат колку пари сум украл, а ние не зедовме ниту еден долар - изјавил тој.
Правните експерти велат дека во вакви случаи полицајците и другите државни службеници мора да докажат дека авторите намерно лажеле или свесно ги игнорирале фактите кога го објавиле тоа, што е многу тешко да се докаже.
Овој случај повторно ја отвора дебатата за границата меѓу уметничката слобода и заштитата на угледот на реални личности во филмската индустрија.
Фото: Screenshot/YouTube