Полски инженер направи летечки мотор што потсетува на возилата од „Војна на ѕвездите“
Полскиот инженер Томаш Патан привлече огромно внимание на социјалните мрежи откако го претстави „Волонаут ербајк“, летечкиот мотор кој многумина веднаш го споредија со легендарните летечки возила од „Војна на ѕвездите“.
Станува збор за футуристички летечки мотор за едно лице, кој навистина може да лета, а снимките од тестирањата брзо се проширија на интернет поради неговиот необичен изглед и начинот на движење. За разлика од повеќето летечки дронови и воздушни такси-возила, „Волонаут ербајк“ нема големи пропелери, туку користи млазен погон.
Според официјалната страница на компанијата „Волонаут“, возилото е ултралесно и е дизајнирано да овозможи чувство на „слободен лет“, а максималната брзина што првично беше споменувана во дел од медиумите достигнуваше дури 200 километри на час.
Сепак, најновите технички податоци објавени од компанијата наведуваат поумерена максимална брзина од околу 102 километри на час, што и понатаму е импресивно за ваков тип летечко возило. Летот трае приближно 10 минути со едно полнење или резервоар, во зависност од конфигурацијата.
Патан не е непознат во светот на футуристичкиот транспорт. Тој претходно работеше и на проектот „Џетсон уан“, едно од најпознатите компактни летечки возила во Европа.
Иако многумина на интернет тврдеа дека видеата се компјутерски генерирани, повеќе технолошки портали и снимки од демонстрации потврдуваат дека прототипот навистина постои и лета. Сепак, експерти посочуваат дека дел од најхрабрите тврдења, особено оние поврзани со максималната брзина и стабилноста при лет, сè уште не се независно потврдени.
Во моментов нема информации кога „Волонаут ербајк“ би можел комерцијално да се продава, но проектот веќе се смета за еден од највпечатливите обиди за создавање лично летечко возило кое изгледа како да излегло од научнофантастичен филм.
Фото: Screenshot/YouTube