Зошто се дебелееме и кога не јадеме многу - научниците ја откриваат тајната

Зошто се дебелееме и кога не јадеме многу - научниците ја откриваат тајната

Колку пати сме ја слушнале онаа позната реченица „сè е во калориите“? Ако јадеме помалку отколку што трошиме, слабееме. Ако јадеме повеќе, се дебелееме. Но, науката покажува дека работите не се толку едноставни. Ново големо истражување открива дека една состојка од нашата секојдневна исхрана, фруктозата, може да влијае врз телото на начин кој е надвор од обичното броење калории.

Фруктозата како сигнал, а не само храна

Фруктозата е вид шеќер кој го внесуваме преку белиот шеќер, слатките, газираните пијалаци и многу преработени производи. Меѓутоа, она што ги изненади научниците е дека таа не е само извор на енергија. Таа, всушност, испраќа сигнал до телото. Според истражувањето, фруктозата дејствува како прекинувач кој на организмот му порачува дека е време да штеди енергија и да прави резерви, односно да складира масти.

За разлика од другите јаглехидрати, фруктозата ги заобиколува клучните контролни механизми во телото кои ја регулираат потрошувачката на енергија. Тоа може да доведе до намалување на енергијата во клетките, што покренува синџир на реакции – телото почнува да произведува повеќе масти, додека истовремено се зголемува чувството на глад. Со други зборови, колку повеќе фруктоза внесуваме, толку е поголема веројатноста дека ќе сакаме уште храна.

Врска со дебелината и болестите

Истражувачите истакнуваат дека долготрајната изложеност на фруктоза може да придонесе за развој на метаболички синдром – збир на состојби како дебелина, инсулинска резистенција, покачен крвен притисок и зголемен ризик од болести на срцето. Интересно е што фруктозата не доаѓа само од храната, туку телото може да ја произведува самостојно, што дополнително ја комплицира приказната.

Иако во некои земји се намалува консумирањето газирани пијалаци, внесот на таканаречените слободни шеќери - додадени во индустриската храна - и понатаму е висок. Тоа значи дека фруктозата ја внесуваме често, а не сме ни свесни за тоа. Колачи, грицки, готови јадења, па дури и производи кои се рекламираат како „здрави“, многу од нив содржат скриени шеќери.

Можеби најинтересниот дел од приказната лежи во нашето минато. Механизмите што ги покренува фруктозата некогаш имале смисла - им помагале на нашите предци да ги преживеат периодите на глад така што складирале енергија во облик на масти. Денес, кога храната е постојано достапна, истиот тој механизам работи против нас и придонесува за развој на хронични болести.



Дали треба да се исфрли овошјето


Експертите нагласуваат дека фруктозата од овошјето не е проблематична како фруктозата од преработената храна. Овошјето содржи влакна кои ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот, како и витамини и други корисни супстанции кои ги ублажуваат негативните ефекти. Вистински проблем се слободните шеќери - оние што се додаваат во храната.

Едно од клучните откритија е дека фруктозата може да го намали нивото на енергија во клетките. Кога телото ќе го почувствува тој пад, испраќа сигнал до мозокот дека треба да внесеме уште храна, дури и откако сме внеле доволно калории. Затоа често се случува по слаткиот оброк да не сме сити и имаме желба за уште.

Ова истражување не значи дека треба целосно да се исфрли шеќерот од исхраната, туку нè потсетува на важна работа - квалитетот на храната е еднакво важен како и количината. Намалувањето на внесот на преработени производи, читањето на декларациите и избирањето поприродни намирници можат да бидат првиот чекор. Можеби не е секоја калорија иста.

И можеби одговорот на прашањето зошто се дебелееме не лежи само во тоа колку јадеме, туку што јадеме и како нашето тело реагира на тоа.

Извор: eklinika
Фото: freepik