Германски научници на чекор да ја пронајдат масата на „фантомската честичка“

Германски научници на чекор да ја пронајдат масата на „фантомската честичка“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачи во Германија започнале да собираат податоци со помош на апарат вреден 60 милиони евра за да ја одредат масата на нeутрино - честичката со најмала маса во универзумот.

честичка
Фото: Thinkstock


Физичарите, инженерите и техничарите од Технолошкиот институт во Карлсруе се надеваат дека уредот од 200 тони би можел да го намали опсегот или точно да ја одреди масата на неутринот. Тие понекогаш се нарекуваат „фантомски честички“ бидејќи е тешко да се детектираат.

Научниците што работат на експериментот соопштија дека ќе извршат длабоки мерења во текот на наредната деценија и се надеваат дека ќе дојдат до резултати со големо влијание.

Истражувачите велат дека одредувањето на масата на неутринот е едно од најважните отворени прашања во физиката на честичките, а тоа ќе помогне да се разбере историјата на универзумот. На овој проект работат околу 200 луѓе од 20 институции од седум земји.