Интервју со писателот Игор Крајчев: „Невозможно е уметноста да ја промени некултурата, тоа е исто како да сакате од кал да направите злато“

Интервју со писателот Игор Крајчев: „Невозможно е уметноста да ја промени некултурата, тоа е исто како да сакате од кал да направите злато“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Пред неколку години Венко Андоновски на промоцијата на стихозбирката „21“ од Игор Крајчев за својот пулен кажа: „Тој е еден од оние мајстори што го следат Рациновото стебло во поезијата“. Во последните години Рациновото стебло се разгранува со појавата на секој млад поет, со секој сонувач кој сака со својата поезија да му вдахне убавина на светот, да го спаси, да му каже нешто на светот. Такви рациновци од ден на ден има сè повеќе, но велешкиот поет, писател, критичар и истражувач Игор Крајчев е блиску до висовите каде што седат книжевните великани.

Денеска, Игор Крајчев во библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес ќе го промовира своето најново дело „Лудило.Писма.Откровение“, а за книгата ќе говорат проф. д-р Венко Андоновски и проф. д-р Кристина Николовска.

Кога ги направивте првите книжевни чекори?

- Првите чекори се многу одамна, во училишните денови, но секако тоа се творби кои се еден вид книжевна вежба и кои се наменети да останат во фиока. Моето прво книжевно крштавање се случи во 2005 година со првата збирка „Реалности“, која ја промовира мојот тогашен професор Венко Андоновски, подоцнежен ментор на постдипломски студии, и која ме претстави на македонската книжевна сцена. Подоцна, како и сите млади автори, посакав да се пробам и покажам на повеќе книжевни аспекти, па така се родија романите „Воини и херои“ (2007,2013) и „Три секунди“ (2009). Подоцна повторно ѝ се вратив на поезијата со следните три збирки „Круг полу круг“ (2015), „21“ (2019) и „Лудило.Писма.Откровение“ (2021).




Што е тоа што Ви вели што и кога да пишувате?

- Пишувањето е порив кој спие во писателот и се раѓа на белиот лист тогаш кога ќе одлучи дека е дојдено времето за негово раѓање. Авторот е само канал, медиум низ кој поезијата, прозата доаѓаат на овој свет. И толку. Потоа тие започнуваат свој живот, живот меѓу читателите, живот на кој авторот не може и не треба да влијае. Може само да набљудува како неговата рожба расте и живее.

Почнувате со поезија, работите проза, а потоа пак ѝ се враќате на поезијата. Тоа се две различни траектории, одлучивте ли по која ќе одите?
- Јас сè уште не сум го изодил својот книжевен пат за да можам да направам конечна детерминација каде сосема припаѓам. Сметам дека како што секојдневно растеме и се развиваме како луѓе, така секојдневно растеме и се развиваме како автори. Каде ќе нè однесе утрешнината, останува да откриеме. Она во што можам да бидам сигурен е дека ѝ останувам верен на литературата до мојот последен здив.



Со „Воини и херои“ станавте првиот македонски писател кој го воведе жанрот епска фантастика. Кој беше мотивот, од каде ја црпевте инспирацијата?

- „Воини и херои“ се роди како реакција, како мое негодување од недостигот на ваков жанр на македонската книжевна сцена. Иако нашето поднебје изобилува со фолклорна сказна, па оттаму и изобилие на мотиви, сепак, сè уште недостигаат автори кои би се впуштиле во авантурата и возбудата на епската фантастика. Сметам дека читателската публика има интерес за ваков тип литература, но она што недостига се авторите. Сега се тие на потег.

Бевте прогласени и за поет на неделата на престижниот британски магазин „Поет магазин“ (The Poet Magazine) и тоа токму пред 21 март, Светскиот ден на поезијата. Што значи ова признание за Вас?

- Бев навистина пријатно изненаден кога престижниот британски магазин „The Poet Magazine“ ми ја укажа честа да бидам прогласен за поет на неделата. Тоа се мали, но јасни показатели дека некаде, некој ја вреднувал вашата работа како висококвалитетна, вредна и достојна за таква почест. Убаво е чувството кога знаете дека сте читани, дека сте почитувани и подалеку од вашата секојдневна, безбедна зона. Токму затоа е важно авторите што доаѓаат од мали јазични средини, како што е македонската, да бидат преведувани на повеќе јазици. Тоа е единствениот начин светот да дознае за македонската книжевност. Ние сме имале и сè уште имаме врвни автори за кои светот треба да дознае.

Ова дојде неколку дена по излегувањето на најновата шеста книга „Лудило.Писма.Откровение“. За што се работи во ова дело и која е пораката?

- Најновата книга е еден мој поглед кон периодот во кој е пишувана книгата. Тој процес почна паралелно со можеби најголемото лудило што јас сум го посведочил, а тоа е оваа светска пандемија која сè уште не ни дава мир. Она што јас лично го сакам во оваа книга е нишката на надеж која се раѓа и која кулминира на самиот нејзин крај. Книгата е еден трактат на надежта, на утехата, на борбата и соочувањето со лудилото, кое како и секое друго зло, треба и мора да биде победено.

Го започнавте и онлајн поетскиот фестивал United World of Poetry. Што претставува овој собир на светско ниво?

- Поетскиот фестивал „United World of Poetry“ се роди токму во моментите на лудилото за кое зборував пред малку. Тој беше една неизбежна реакција, еден вид поетска инерција и одбивање да се прифати новата принудна ситуација што ја донесе пандемијата. Поетите живеат за поетските фестивали, живеат за да ја споделат својата поезија и секој обид да им се одземе таа привилегија е однапред осуден на неуспех. Тоа го покажа и поетскиот фестивал „United World of Poetry“, кој беше прв од ваков тип кај нас, а инспирацијата ја црпеше од сличен настан кој го организира „Хрватското книжевно друштво“ со наслов „Прозорец кон светот“. Но, „United World of Poetry“ не застанува и не се ограничува само овој пандемски период. Со веќе три успешни онлајн-изданија зад себе, со многу големи и значајни светски поетски имиња, кои продефилираа на овој фестивал уште на самиот негов почеток, неговиот растеж природно налага да се развие во уште поголем настан кој со време, од сајбер-просторот би се префрлил во реалноста, во живо, онаму каде што поетите најмногу сакаат да ја читаат својата поезија.


Добитник сте на награди кои носат имиња на двајца великани – хрватскиот писател Петар Канавелиќ и нашиот Јован Котески. Што значи да се добие награда со ваква тежина?

- Да се добие книжевна награда, а особено меѓународна книжевна награда, е секако своевиден празник за секој автор, без оглед на неговиот стаж на книжевната сцена. Јас, секако, наградите ги прифаќам со посебен пиетет и одушевување, но на нив претендирам да гледам како на една високо поставена греда, која со следниот скок морам да ја прескокнам. На тој начин се предизвикувам себеси и авторот во мене да раснеме, да се унапредуваме и да бидеме повеќе утре од она што сме биле вчера. Книжевните награди се еден убав патоказ, со кој оној што ви ја врачил ви порачува дека се движите по вистинскиот пат и дека сте завршиле добра работа. Она што секој автор мора да го прифати и да го знае е дека по секоја завршена работа, негова обврска е да започне нова, а овој пат да ја заврши уште подобро. Тоа им го должи на великаните чии имиња ги носат наградите што ги добил.



Сте биле дел и од организацијата на Рациновите средби. Каков беше предизвикот да се работи на една од најпрестижните манифестации кај нас?

- Имав чест во два мандати да бидам дел од втората најстара и, според мене, втора најважна книжевна манифестација во Македонија – Рациновите средби. Искуството што го добив при нивната организација од своите постари и поискусни колеги е секако непроценливо и чувствувам дека пораснав во џиновски размери и како човек и како професионалец. Горд сум што имав можност да бидам дел од една таква манифестација која секогаш со задоволство ја проследувам.

Во време на социјални мрежи, некултура и кич, каде е литературата, особено поезијата?


- Што има повеќе на овој свет, злато или кал? Така е во сите сфери на живеењето, не само во уметноста. Колку и да е распространет кичот, колку и да е распространета некултурата, уметноста секогаш е лесно препознатлива, отскокнува од просекот и има висока цена. И воопшто не сметам дека уметноста треба да ја едуцира или да ја промени некултурата. Тоа е неможно, тоа е исто како да сакате од кал да направите злато. Напротив, културата, како и златото, постои за да ви покаже колку е невредна некултурата, односно калта. Потоа, секој нека го избере она што му е драго.

Што недостига во нашата книжевност, има ли општествено вреднување на Вашите дела?

- Недостига поголема сатисфакција на книгата како производ, како креација и како интелектуална сопственост на авторот. Недостига стратегија како да се мотивираат писателите да растат, да се унапредуваат. Сега тоа е оставено на нивниот избор и на нивната желба самите да инвестираат во сопствениот развој и раст. Ние не сме богата држава, па оттаму и писателите не уживаат општествен статус како што е тоа на пример во побогатите земји, но ние и покрај тоа имаме завиден број на писатели, а тоа е секако податок кој одушевува и кој сигнализира дека писателството кај нас не е заради материјален бенефит, туку заради емотивна, интелектуална и духовна потреба, поради потребата да пренесат некаква порака, некаква идеја... Еден обид да вдахнат здив убавина во овој искривоколчен свет. Од ден на ден, таквите воздишки се сè повеќе и се сè погласни... Сигурен сум дека еден ден, од нив, ова навистина ќе стане еден убав свет за живеење.


Фото: Приватна архива