Одење или возење велосипед - што е подобро за слабеење?

Одење или возење велосипед - што е подобро за слабеење?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Одлуката дали да се пешачи или да се вози велосипед не е само прашање на преференција, туку вклучува и согледување како секоја активност влијае врз вашето тело, колку калории можете да согорите и колку лесно овие вежби можат да се вклопат во вашата дневна рутина. Разбирањето на нијансите помеѓу одењето и возењето велосипед може да ви помогне да одлучите која вежба е поефикасна за вас.

Бројот на калории што ги согорувате за време на која било вежба зависи од неколку фактори, вклучувајќи ги тежината, нивото на интензитет и времетраењето на тренингот. Во просек, човек од 70 килограми што брзо оди може да согори приближно 175 калории за 30 минути и 350 калории на час. Тоа не е лошо за активност што можете да ја правите речиси секаде без специјална опрема.

Спротивно на тоа, возењето велосипед може значително да го зголеми согорувањето на калориите, ако го зголемите интензитетот. Истата личност од 70 килограми може да согори околу 288 калории за 30 минути и 576 калории за час возејќи велосипед со умерено темпо.

Значи, ако гледате строго на согорувањето на калориите, возењето велосипед има мала предност во однос на пешачењето, особено при поголем интензитет. Сепак, важно е да се напомене дека конзистентноста е клучна. Ако имате поголема веројатност да пешачите редовно бидејќи ви е поудобно, целокупното согорување калории со текот на времето може да биде поголемо од повремените интензивни сесии на возење велосипед.

Пешачењето и возењето велосипед се одлични за согорување калории, но нудат многу други здравствени придобивки за кои треба да знаете.

Одењето е вежба со мало влијание, што го прави одлична опција за луѓе со проблеми со зглобовите или оние што закрепнуваат од повреди. Може да го подобри кардиоваскуларното здравје, да ги зајакне коските и да го подигне расположението со ослободување ендорфин.

Во меѓувреме, возењето велосипед обезбедува поинтензивен кардиоваскуларен тренинг, што може да доведе до подобрување на здравјето на срцето и капацитетот на белите дробови. Тоа, исто така, е вежба со ниско влијание, но може да вклучи поширок опсег на мускули, особено во долниот дел од телото.

И пешачењето и возењето велосипед нудат значајни придобивки за менталното здравје -  може да го намалат стресот, да го подобрат расположението и да обезбедат чувство на релаксација и поврзаност со природата.

Извор: klix.ba

Фото: Freepik