Прашината од Месечината може да помогне во создавањето сателити, населби и соларна енергија

Прашината од Месечината може да помогне во создавањето сателити, населби и соларна енергија

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во наредните децении природниот сателит на Земјата може да стане раздвижен центар за активности во длабоката вселена. Небесно тело каде што луѓето ќе живеат, работат и ќе истражуваат, напојувано со врвни технологии - од ровери до базни кампови.

Месечевиот реголит е локално достапен ресурс кој може да ја забрза изградбата на населби на Месечината. Истражувачите од Универзитетот „Ватерло“ посочуваат дека реголитот може да се користи за поддршка на живот, производство на енергија и изградба.

- Нашето истражување ја претвора научната фантастика во реалност. Нашата цел е да помогнеме во изградбата на инфраструктурата и технологијата, кои ќе овозможат населување на луѓето на Месечината и пошироко - истакна Конор Мекроби, кандидат за докторат од Универзитетот.

Тестирање на лунарниот реголит

Транспортот на градежни материјали од Земјата за да се создаде инфраструктурана Месечината би бил скап и неефикасен. Месечевиот реголит е метална прашина што содржи кислород, која научниците сакаат да ја искористат за да го поттикнат развојот на Месечината. Затоа истражувачите од универзитетската лабораторија за истражување на енергетиката анализираат начини за обработка на сурови лунарни ресурси, особено реголит.

- Бидејќи лунарниот реголит веќе содржи кислород, можеме да го искористиме, без потреба од атмосферски кислород, за производство на топлинска енергија. Ова се нарекува термитска реакција, која е корисна во вселената бидејќи нема лесно достапен кислород - објаснува Мекроби.

Тимот спровел експерименти за да ја процени одржливоста на користењето на лунарниот реголит за различни примени, како што се греење и производство. Бидејќи добивањето вистинска почва од Месечината е предизвик и е скапо, тимот користел симулант реголит обезбеден од НАСА. Тој во голема мера ги имитира составот и својствата на лунарниот реголит. Тимот тестирал различни комбинации на композиции на гориво, како и оксидатор, за да ја оптимизира термитската реакција за вселенски примени.

Употреба на вселенски отпад

Интересно е тоа што истражувачите работат на решавање на растечкиот проблем со вселенскиот отпад. Тимот од лаборторијата гледа на нефункционалните сателити како на вредни ресурси. Металните остатоци од овие сателити често завршуваат на Земјата и во орбитите на Месечината.

- Нефункционалните сателити имаат огромна потенцијална вредност. Тие се составени од многу корисни материјали, вклучително и алуминиум, кој кога ќе се додаде во лунарниот реголит може да произведе термитска реакција и да генерира топлина - додава Мекроби.

Тестирањето на овој метод може да го отвори патот за добивање сигурен извор на енергија кој ќе се користи за идните напори за истражување на вселената.

 

Извор: interestingengineering.com

Фото: Freepik