Хрватското лудило продолжува!

Хрватското лудило продолжува!

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во деновите кога играла хрватската репрезентација во групната фаза, клиентите на банката „Ерсте“ подигнале за 30 отсто повисок износ на пари во споредба со истите денови минатата година. Тоа и не е толку чудно со оглед на тоа дека плоштадите и кафулињата во Хрватска беа преполни за време на секој натпревар, а Хрватите се познати по тоа дека спортските спектакли сакаат да ги следат јадејќи и пиејќи.

Со оглед на тоа дека во локалите сѐ уште најчесто се плаќа со кеш, во првите десет дена од јули оваа година бројот на трансакции со дебитни картички во оваа банка на сите банкомати во Хрватска бил поголем за околу 14 отсто, а волуменот, односно износот на подигнатите пари се зголеми за околу 22 отсто во споредба со истиот период лани. Освен тоа, бројот на трансакции во јуни бил поголем за околу 11 отсто во споредба со истиот месец минатата година, додека нивниот волумен се зголемил за околу 18 отсто.

Но, навивачите не ги празнеле џебовите само во кафулињата, па Хрватската економска комора проценува дека вкупната потрошувачка на Хрватите за време на Мундијалот, сега кога Хрватите веќе влегоа во финалето, ќе се зголеми за 15 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Хрватските работодавци досега не забележале значително зголемување на бројот на побарани слободни денови. За разлика од Англичаните, од кои речиси пет милиони не отишле на работа по победата против Колумбија во осмина-финалето, Хрватите одлучиле да работат за да можат да го финансираат животниот стил кој го практикуваат додека нивната репрезентација победува. Еве и за што издвојувале повеќе од вообичаено.

Иако бројката од 5 милиони изедени ќебапи од почетокот на Светското првенство во фудбал до крајот на групната фаза беше импозантна, таа бројка до денес е речиси дуплирана. Имено, според одредени податоци, сега Хрватите се на 9 милиони ќебапи и 1,2 милион колбаси, а продажбата расте со истото темпо. Кога станува збор за колбасите, хрватските медиуми пренесуваат дека побарувачката е поголема за 50 отсто во споредба со истиот период лани.

Со други зборови, од почетокот на Мундијалот до полуфиналниот натпревар меѓу Хрватска и Англија, во Хрватска се изедени двојно повеќе ќебапи отколку што земјата има жители.

Во текот на јуни се продавал повеќе чипс, а особено популарни биле коцкестите изданија на пакувањата. Некои трговски од регионот, особено оние во Хрватска и Србија, чии репрезентации беа или сѐ уште се дел од првенството, за порастот на побарувачката почнале да се подготвуваат уште во мај и нарачувале поголеми количини пијалак и грицки.

Но, покрај месото и грицките, Хрватите сакаат и да се заблажат, па многу слаткарници во својата понуда ставиле и колачи инспирирани од успехот на хрватската репрезентација. Но, некои слаткарници работат со скратено работно време. Други, пак, изработуваат посебни торти во облик на фудбалски топки и дресови, а истакнуваат и дека нивната продажба напредува правопропорционално со успесите на фудбалерите.

Ако не се на организирано гледање по градските плоштади или кафулиња, Хрватите го следат првенството од своите домови, па не е ни чудно што се дуплирала продажбата на телевизори. Од еден трговски центар за мебел и опремување на домот истакнаа дека растот на продажбата е забележителен, но и дека тоа е вообичаена практика што се појавува на пазарот на секои две години, односно за време на светското или европското првенство.



Иако дел од навивачите од возбуда фрлаа мебел преку прозорец, некои решаваат и да си купат. Имено, забележан е раст на продажбата и на софите и на фотелјите.

Нормално, зголемена е и продажбата на дресови, а на повеќе места веќе подолго време нема оригинални дресови од хрватската репрезентација.

Но, освен коцкести дресови, во Нова Градишка се барани и таканаречените коцкести фризури. Фризерските салони со задоволство објавуваат такви фризури на социјалните мрежи, а велат и дека има сѐ повеќе заинтересирани за нив.



Коцкестите фризури се прават со спрејови за коса во црвена и во бела боја, а цената е 25 куни. Сепак, за долготрајно украсување на телото со мотиви поврзани со фудбалот и репрезентацијата, како што се тетоважите, се одлучуваат само најхрабрите. Од студијата за тетоважи велат дека побарувачката за тие услуги може да се зголеми ако фудбалерите имаат уште поголем успех