Соларни панели ќе обезбедуваат и струја и чиста вода

Соларни панели ќе обезбедуваат и струја и чиста вода

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Компактен уред што ја користи топлината произведена од соларните ќелии за прочистување на водата еден ден може да ги промени животите на стотици милиони луѓе низ светот.

Достапноста на електрична енергија и вода во сопствениот дом многу луѓе ја земаат здраво за готово. 780 милиони луѓе низ целиот свет во моментов немаат соодветен пристап до чиста вода, а уште поголем број од нив немаат спроведено електрична енергија во нивните домови.

Недостигот на вода и на електрична енергија не е само предизвикувач на нехигиенски услови и висок ризик од болести, туку прави проблеми и во одржувањето на резервите на храна и лекови, земјоделството и одгледувањето на добитокот.

Научниците од Универзитетот за наука и технологија „Кинг Абдула“ во Саудиска Арабија успеале да најдат решение за двата проблема создавајќи фотоволтаични ќелии кои ја користат сончевата светлина за производство на електрична енергија, но и за дестилирана вода.

Овој интересен соларен уред работи така што повеќе од 10 отсто од сончевите зраци што ги собираат неговите фотоволтаични ќелии се користат за генерирање електрична енергија. Останатиот дел од сончевото зрачење се претвора во топлинска енергија, која инаку останува неискористена. Но, сега ја апсорбираат хидрофобни мембрани, материјали што овозможуваат испарување и кондензација.

Со помош на добиената топлина, водата прво испарува, а потоа кондензира. Термичката енергија потоа се пренесува во пониските мембрани за процесот да се повтори, што доведува до зголемување на дестилацијата.

Создавајќи ваква мембранска структура, научниците успеале да ги подобрат конвенционалните соларни дестилатори, произведувајќи петпати поголемо количество чиста вода.

Само еден квадратен метар од овој соларен уред успеал да дестилира повеќе од 1,6 литар морска вода на час, без да ја намали ефикасноста на производство на електрична енергија.

Ова се одлични вести, но за да се постигне сето тоа, ќе бидат потребни околу 4 милијарди квадратни метри земја.