Компанијата што стои зад „Гугл“ почна да обезбедува интернет преку балони

Компанијата што стои зад „Гугл“ почна да обезбедува интернет преку балони

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Компанијата „Алфабет“, сопственик на „Гугл“, го стави во функција својот нов интернет-сервис „Лун“ во Кенија со кој обезбедува пристап до интернет преку балони. 

Сервисот за 4Г-мрежа отсега им се нуди на сите корисници на услугите на „Телеком Кенија“. За услугата се користат околу 35 балони кои покриваат површина од околу 50.000 квадратни километри во западните и централниот делови од земјата, вклучувајќи го и главниот град Најроби.


Фото: YouTube

„Лун“ почна како проект во рамките на компанијата, но во 2018 се издвои како посебна компанија. Балоните на компанијата веќе обезбедувале пристап до интернет при природни катастрофи, на пр. по ураганот во Порторико во 2017 и по земјотресот во Перу во 2019. Сервисот во Кенија е прв комерцијален проект на компанијата.

„Лун“ ги тестирала своите балони за интернет во Кенија со месеци. Во текот на пробниот период со балоните се поврзале 35.000 корисници. Биле тестирани разни опции, како користење електронска пошта, гласовни и видеоповици, сурфање на интернет, гледање видеа на „Јутјуб“ итн.


Фото: Medium

Балоните на компанијата лебдат на височина од околу 20 километри. Тие го анализираат времето за да се движат и може да останат во воздухот до 100 дена.

Од „Лун“ велат дека целта на балоните не е да го заменат сателитскиот интернет или другата технологија за интернет, туку да понудат нов начин со кој ќе им се помогне на повеќе луѓе во светот да се поврзат на интернет.


Сепак, компанијата беше критикувана дека ги користи балоните во делови од земјата во кои веќе има развиена инфраструктура за интернет и дека некои луѓе во посиромашните делови од Кенија не може да си дозволат телефони кои се поврзуваат на 4Г-мрежа. Компанијата изјави дека се надева дека ќе ги прошири услугите низ светот и веќе работи на други проекти, како воведување интернет во амазонските прашуми.

Автор: Џон Портер
Извор: theverge.com