Мистерија: Како шишињата шампањ го преживеаја потонувањето на „Титаник“
По повеќе од еден век откако „Титаник“ потона на дното на Атлантскиот Океан, еден детал не престанува да предизвикува чудење кај оние што ги набљудуваат снимките од остатоците - шишињата шампањ што останале недопрени. Тие се наоѓаат на длабочина од 3.800 метри, под незамислив притисок, но сè уште се таму – и тоа запечатени.
Како е можно тоа? Ова прашање ги фасцинира научниците и историчарите, а дебатата повторно се покрена по трагичната имплозија на подморницата „Титан“ во јуни 2023 година. Многумина тогаш се запрашаа: „Ако високотехнолошкото пловило моментално се распадна при спуштањето, како е можно обично стаклено шише да остане цело?“
Одговорот лежи во комбинација на физика, механика и малку среќа.
Зошто не дошло до имплозија?
Имплозија се случува кога надворешниот притисок врз некој објект е значително поголем од внатрешниот, што предизвикува уривање на структурата навнатре со цел да се изедначи притисокот. Деловите од „Титаник“ го претрпеа токму овој феномен. Сепак, шишињата шампањ имаа важна предност.
Јаглерод диоксидот во шишето создава внатрешен притисок од околу шест бари, што е еквивалентно на притисокот на длабочина од 60 метри.
Модерните шишиња шампањ се дизајнирани да издржат дури до 20 бари. Поради тоа, во првите фази од потонувањето шишињата беа во помала опасност од кршење отколку што би се очекувало. Меѓутоа, на дното на океанот притисокот достигнува неверојатни 381 бар, што ниедно стаклено шише не би можело да ги издржи. Тука на сцена стапува плутата (винската тапа).
Како се зачувани шишињата?
Научниците веруваат дека за време на потонувањето на бродот во 1912 година дошло до попуштање на херметичките затворачи. Водата полека почнала да навлегува низ тапата, со што внатрешниот притисок во шишето постепено се изедначил со надворешниот притисок на океанот. На тој начин, стаклото не морало да трпи разлика во притисокот што би го здробило, туку останало зачувано.
Изненадувачки, но содржината можеби не е целосно уништена. Во 1998 година, од еден шведски товарен брод, потопен во 1916 година, беа извлечени 2.000 шишиња шампањ од брендот „Хајдсик и Ко. монопол“ од 1907 година. Тие биле 82 години во речиси идентични услови како и оние на „Титаник“. Тогашните експерти изјавија дека виното ја задржало импресивната рамнотежа и прекрасната златна нијанса, додека газираноста останала забележлива.
Изгледа дека апсолутниот мрак и константната температура на морското дно создаваат идеални услови за природно стареење на виното, правејќи ги остатоците од „Титаник“, во теорија, најдобриот вински подрум во светот.