Парите не се секогаш мотив: Како ЦИА регрутира шпиони со вијагра, вадење заби и џебни ножиња

Парите не се секогаш мотив: Како ЦИА регрутира шпиони со вијагра, вадење заби и џебни ножиња

Поранешни американски разузнавачи откриваат дека при регрутирањето шпиони, ЦИА многу почесто се потпира на исполнување на личните потреби на потенцијалните соработници отколку на нудење големи суми пари.

Според нив, парите ретко се доволни. Школување на дете, медицински третман што спасува живот, виза или, во еден необичен случај во Авганистан, четири апчиња вијагра можат да бидат многу поубедлив мотив од куфер полн со банкноти.

Декласифицирани судски документи и сведоштва на поранешни агенти покажуваат дека офицерите на ЦИА се обидуваат да откријат што навистина му недостига на човекот што сакаат да го придобијат и токму тоа да му го понудат.

Поранешниот функционер на ЦИА, Џејмс Лолер, кој со децении регрутирал странски шпиони, вели дека парите речиси никогаш не биле единствениот мотив. Според него, износите најчесто биле многу помали отколку што јавноста замислува.

Од друга страна, поголеми суми почесто добивале Американци кои биле регрутирани од странски разузнавачки служби. Како пример се наведува Кевин Малори, поранешен офицер на ЦИА кој, според обвинителите, примил околу 25.000 долари од кинеската разузнавачка служба пред да биде осуден за шпионажа.

Во меѓувреме, ЦИА објави упатства на мандарински, фарси и корејски јазик, со кои ги повикува незадоволните функционери во Кина, Иран и Северна Кореја безбедно да воспостават контакт доколку сакаат да соработуваат.

Еден од најнеобичните случаи доаѓа од Авганистан. Според „Вашингтон пост“, 2008 година офицер на ЦИА му подарил четири апчиња вијагра на постар авганистански племенски старешина. Неколку дена подоцна, старешината, воодушевен од ефектот, доброволно споделил детални информации за движењето на талибанците и нивните маршрути за снабдување, а потоа побарал уште апчиња.

Но, вијаграта не била единствената необична мамка. На списокот со работи што ЦИА ги користела за придобивање потенцијални извори се нашле и џебни ножиња, лекови, операции за болни роднини, училиштен прибор, вадење заби и патни визи.

Пензионираниот офицер на ЦИА, Роберт Бер, вели дека здравствената помош била една од најчестите понуди. Тој се присетил и на случај во кој агенцијата обезбедила операција за вградување бајпас на срцето во замена за соработка.

Извор: 021.rs
Фото: Youtube/Central Intelligence Agency