Раперот Дрејк станува предмет на факултет - студентите ќе ја анализираат неговата музика и културното влијание
Универзитетот „Конкордија“ во Монтреал во есенскиот семестар во 2026 година ќе понуди курс под наслов „Дрејк: Медиуми, мит и мажественост“.
Курсот ќе биде посветен на каталогот со песни на реперот од Торонто, на културната митологија што го опкружува и на системите на музичката индустрија во чии рамки се развиваше неговата кариера.
Курсот ќе биде дел од пошироката програма „Хип-хоп: минато, сегашност & иднина“, а ќе го води раперот и професор Јасин Алсалман, познат како Нарси, кој завршил додипломски студии на Универзитетот „Конкордија“ и се враќа на својот некогашен факултет.
Алсалман претходно држеше универзитетски курсеви посветени на Канје Вест, што го прави соодветен за преточување на дискографиите на одредени рапери во структурирана академска програма.
Курсот ќе ги опфати каталогот на Дрејк и неговите главни теми, подемот и развојот на издавачката куќа „ОВО“, односот меѓу уметноста и капитализмот, како и системите на музичката индустрија низ кои уметниците мора да се пробиваат.
Јавно објавениот пример за една наставна недела од програмата, од 12 ноември 2026 година и насловен „САД наспроти НИВ: Артист наспроти корпорација“, покажува како овие теми ќе се обработуваат во практика. Во воведниот текст се наведува дека политиката и уметноста не можат да бидат раздвоени кога политиката е корумпирана, а предвидени се и расправи за тоа како дискографските куќи одлучуваат што ќе стане популарно, за функционирањето на таканаречените „стриминг-фарми“ и за тужбите што легендарните изведувачи ги поднесувале против музичката индустрија.
За слушање е зададен албумот „ICEMAN“ на Дрејк, додека на листата со литература се наоѓаат книгата „Машина за расположение“ од авторката Лиз Кели, интервјуто што магазинот „Ролинг стоун“ го објави со долгогодишниот соработник на Дрејк, Ноа Свебиб, познат како 40, како и книгата „Не можат да нѐ убијат сѐ додека не нѐ убијат“ од авторот Ханиф Абдуракиб.
Овој курс доаѓа во момент кога присуството на хип-хопот во универзитетските програми веќе не е новитет, туку нешто што сè повеќе се прифаќа, па образовните установи сè почесто ги сметаат поединечните рап дискографии за теми вредни за посебно проучување, а не само за специјализирани изборни предмети.
Издавачката куќа „ОВО“, која Дрејк ја основа заедно со Ноа Свебиб и Оливер Ел-Катиб во 2012 година, ќе послужи како студија на случај која го надминува самиот изведувач и отвора прашања за градење бренд, географски идентитет и трансформација на една рап-група во поширока културна институција.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/YouTube