Нова вакцина за рак покажува максимална ефективност кај агресивниот меланом

Нова вакцина за рак покажува максимална ефективност кај агресивниот меланом

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Нова вакцина против ракот, која вклучува имунотерапевтски лек и хемикалија што ја зголемува неговата ефикасност, покажа 100-отстотен успех во лекувањето меланом кај глувците.

Во особено ветувачки развој, истражувачите биле во можност да покажат дека нивната нова терапија може да се бори против повторување на ракот.

- Оваа котерапија произведе целосен одговор во третманот на меланом - вели Дејл Богер од истражувачкиот институт „Скрипс“ во Калифорнија.

- Како што вакцината може да го обучи телото да се бори против надворешните патогени, така оваа вакцина го обучува имунолошкиот систем да го нападне туморот - додава тој.

Истражувачите од „Скрипс“ и од Југозападниот медицински центар при Универзитетот во Тексас првично анализирале околу 100.000 соединенија за да го пронајдат она што може да им помогне во зголемувањето на ефикасноста на лекот за имунотерапија за рак.

вакцина
Фото: iStock


Тие на крајот откриле хемикалија наречена дипровоцим, што се врзува за имунолошки рецептор и кај луѓето и кај глувците; следниот чекор е да се започне со тестирање за тоа како ова соединение може да помогне во лекувањето тумори кај глувците.

Истражувачите користеле група глувци со агресивна форма на меланом генетички конструиран да содржи овалбумин, обичен маркер што истражувачите го користат за проучување на имунолошките реакции кај ракот бидејќи дејствува како антиген - предизвикува имунолошки одговор кај домаќинот.

Сите глувци добиле лек за имунотерапија наречен анти-PD-L1, што требало да ги спречи клетките на туморот да не го напаѓаат имунолошкиот систем на домаќинот и потоа биле поделени во три групи од осум.

Едната група добила само анти-PD-L1 и инјекција овалбумин, што требало да ги обучи нивните имунолошки системи да го препознаат туморот како натрапник.

Втората група ги добила и двете, плус хемикалијата дипровоцим, додадена во инјекцијата на овалбумин, како средство за стимулирање на имунолошкиот систем во акција.

На третата група ѝ биле дадени анти-PD-L1 и овалбумин, но со соединението алум наместо дипровоцим; и алумот го активира имунолошкиот систем, но на поинаков начин од дипровоцимот.

На секое животно му биле дадени две инјекции - втората инјекција седум дена по првата. Инјекцијата исто така не била ставена директно во туморот, туку подалеку од местото - за да се види дали имунолошките клетки може да помогнат лекот да патува до туморот.

По 54-дневниот експеримент, тимот открил дека првата група немала шанси за преживување, алумните глувци имале 25-отстотна стапка на преживување, а глувците што добиле дипровоцим имале 100-отстотна стапка на преживување.

- Беше возбудливо да се види како вакцината работи истовремено со имунотерапијата за рак како анти-PD-L1 - вели Богер.

Тимот објаснува дека вакцината работи со стимулирање на имунолошкиот систем за да се направат специјални клетки што ќе се борат против ракот. Ефектите останале дури и кога ракот го немало.

Ова е само првиот чекор во возбудливиот потег за имунотерапија на ракот, и бидејќи резултатите досега биле успешни само кај глувците со генетички модифициран тумор, треба да помине време додека не видиме како овој тип вакцина против рак ќе влијае врз луѓето.

Тимот веќе е во потрага по компании со кои ќе може да соработува во тестирањето на вакцината.