Астронаути првпат измешаа цемент во вселената

Астронаути првпат измешаа цемент во вселената

Научници од Меѓународната вселенска станица успешно измешаа цемент во вселенската микрогравитација. И тоа е голема работа. Материјалот би можел да го олесни градењето на идните вселенски станици и колонии, овозможувајќи ни да оставиме траен белег надвор од Земјата. Тимот измешал основни состојки на цемент и оставил да се стврднуваат 42 дена.

- Сега знаеме дека има одредени разлики меѓу системите на Земјата и оние во вселената и можеме да ги испитаме тие разлики за да видиме кои се корисни, а кои штетни за користење на овие материјали во вселената - истакна Александра Радлинска од Државниот универзитет во Пенсилванија.

Сепак, сè уште остануваат некои нерешени прашања. На Земјата цементот апсорбира молекули на вода создавајќи кристална структура, но во микрогравитација таа структура изгледа поинаку. Тимот забележал зголемување на шупливоста на вселенскиот цемент, што е предизвикано од микрогравитацијата - нешто што може да влијае врз цврстината на материјалот.

- Иако бетонот многу долго се користи на Земјата, сè уште не ги знаеме сите аспекти на процесот на хидрација - рече Радлинска.

Со оглед на тоа дека примероците биле ставени во торбички, научниците допрва треба да сфатат како незаштитената отворена околина ќе влијае врз процесот на хидрација.