Ново истражување покажува уште една придобивка од вакцината против ковид-19

Ново истражување покажува уште една придобивка од вакцината против ковид-19

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Вакцинирањето против ковид-19 обезбедува една очигледна и значајна здравствена придобивка: ве штити од сериозно заболување или смрт ако се заразите.

Тоа, само по себе, е неверојатно. Но, новото истражување објавено во средата укажува на уште една впечатлива придобивка од вакцинирањето што не треба да се отфрли. Луѓето што се вакцинираат може да доживеат значителни подобрувања во нивното ментално здравје.

Во истражувањето, објавено во списанието „Плос уан“, истражувачите ги следеле луѓето што примиле прва доза од која било вакцина против коронавирусот помеѓу декември 2020 и март 2021 година. Тие откриле дека оние што се вакцинирале со прва доза имаат помали шанси да покажат знаци на блага или тешка депресија отколку оние што не биле вакцинирани, вклучително и оние што имале намера да се вакцинираат, но не биле во можност.

И со оглед на тоа што менталното здравје е исто толку важно како и физичкото, тоа е уште една причина за една личност да се одлучи да се вакцинира.

Националните истражувања направени во текот на изминатите 18 месеци од пандемијата укажаа на загрижувачки зголемувања на проблемите со менталното здравје.

Во САД, на пример, во текот на летото 2020 година приближно 4 од 10 возрасни Американци посочиле дека се борат со проблеми со менталното здравје или злоупотреба на супстанции. Тоа е повеќе од 1 на 10 возрасни лица пред пандемијата.

- Како што беше случај пред пандемијата, возрасните со лоша општа здравствена состојба продолжуваат да пријавуваат повисоки стапки на анксиозност и/или депресија отколку возрасните со добра општа здравствена состојба - се вели во извештајот на фондацијата „Кајзер“.

vakcina
Фото: Freepik

Зошто вакцинацијата може да помогне?

Се разбира, постојат многу причини зошто загриженоста за менталното здравје се зголемува за време на пандемијата, од загуба на работното место до осаменост.

И новото истражување не може точно да каже зошто луѓето што се вакцинирале доживеале зајакнување на менталното здравје, но авторите велат дека најверојатно станува збор за комбинација од фактори.

Луѓето што се вакцинирани се помалку исплашени од заразувањето. Тие би можеле да бидат поактивни социјално или да испробаат нови можности за работа, пишуваат истражувачите. Претходните студии покажуваат дека изолацијата е главен фактор за нарушување на менталното здравје на луѓето за време на пандемијата, што е една од причините зошто медицинските групи настојуваа да ги вратат децата во училниците оваа есен, на пример.

Новите наоди во никој случај не посочуваат дека вакцинацијата е лек или дека ако повеќе луѓе се вакцинираат, ќе им се обезбеди потребната поддршка за менталното здравје. Авторите на истражувањето пишуваат дека нивните наоди едноставно треба да се сфатат како „краткорочни директни ефекти од добивање прва доза на вакцина“.

Сепак, тие забележуваат дека целокупниот ефект на вакцинацијата врз менталното здравје, всушност, може да биде поголем отколку што може да покаже истражувањето, бидејќи може да се прошири и на невакцинираните луѓе. Луѓето што не се вакцинирани можат помалку да стравуваат дека нивните сакани ќе се разболат или умират и може да имаат корист од социјалните и економските можности што ги дава раширената вакцинација, пишуваат авторите.


Извор: Huffington Post
Фото: Freepik