Eдноставен рецепт на психолог за мирен живот: Што помалку луѓе и што помалку зборови

Eдноставен рецепт на психолог за мирен живот: Што помалку луѓе и што помалку зборови

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Психологијата на среќата, гранка на психологијата која се занимава со проучување на факторите кои придонесуваат за нашата благосостојба, ја нагласува важноста од намалување на бројот на луѓе и зборови со цел да се постигне внатрешен мир и среќа, што ќе ни донесе помалку стрес и мирен живот. Не е лесно, но е остварливо.

Квалитет пред квантитет

Една од клучните претпоставки на психологијата на среќата е дека квалитетот на нашите односи игра позначајна улога во нашата среќа отколку нивниот број. Многу луѓе веруваат дека голем број пријатели и познајници ќе им донесат среќа, но некои истражувања го покажуваат токму спротивното. Квалитетните врски обезбедуваат емоционална поддршка, разбирање и сигурност, кои придонесуваат за чувство на припадност и задоволство.

Минимализмот како алатка за избегнување стрес и замор

Покрај намалувањето на бројот на луѓе во нашите животи, намалувањето на бројот на зборови може да игра и значајна улога во постигнувањето внатрешен мир. Во свет полн со информации, често се чувствуваме преплавени од постојани разговори, пораки и обврска да комуницираме. Прекумерната употреба на зборови може да доведе до ментален замор и стрес. Тишината, медитацијата и интроспекцијата ќе ни помогнат да се фокусираме на нашите мисли, чувства и потреби.

Минимализмот во односите и комуникацијата може да има длабоки позитивни ефекти врз нашето ментално здравје. Кога ќе го намалиме бројот на луѓе во нашите животи, го намалуваме и потенцијалот за конфликти, драма и негативни емоции што можат да произлезат од сложените социјални интеракции. Со помалку луѓе во околината, ќе имаме повеќе време и енергија за оние што ни се навистина важни, за да можеме поквалитетно да ги продлабочиме нашите односи со нив.

Не користете повеќе зборови отколку што е потребно за да го кажете она што го сакате


Психологијата на среќата ја нагласува важноста на свесната комуникација. Наместо да зборуваме за да ја исполниме тишината, треба да научиме да ја цениме моќта на промислените зборови. Секој изговорен збор треба да има цел и да биде насочен кон градење позитивни односи и развивање меѓусебно разбирање. Преку свесна комуникација, можеме да изградиме подлабоки односи, да ги намалиме недоразбирањата и конфликтите.

Значи, за мирен живот и среќа, меѓу другото, ни требаат помалку луѓе и помалку зборови. Квалитетните односи со помал број блиски луѓе и свесната, промислена комуникација може значително да придонесат за нашето чувство на задоволство и внатрешен мир. Во агресивен свет полн со врева и премногу информации, намалувањето на бројот на луѓе и зборови може да биде еден од клучните фактори за постигнување вистинска, суштинска среќа и хармонија во нашите животи.

Извор: Lolamagazin.com
Фото: Freepik