Откриено последното истражување на Стивен Хокинг

Откриено последното истражување на Стивен Хокинг

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако познатиот физичар Стивен Хокинг бил на смртна постела, тоа не го спречило да работи.

Сега неговите колеги од универзитетите „Кембриџ“ и „Харвард“ објавија што мислат дека би можел да биде последниот истражувачки труд на Хокинг.

Под наслов „Ентропија на црната дупка и мека коса“, истражувањето го разгледува таканаречениот информациски парадокс на црната дупка, загатка на која Хокинг го посветил поголемиот дел од својот живот истражувајќи ја и анализирајќи ја.

Хокинг и неговите соработници се обиделе да објаснат што се случува со информациите содржани во честичките кои се вовлечени во црната дупка и дали таа црна дупка престанува да постои.

Ако информациите на честичките исчезнуваат, ова би било спротивно на квантната теорија - дека никогаш ништо не е изгубено.

хокинг

Трудот бил завршен неколку дена пред смртта на Хокинг, во март, а во него се наведуваат понатамошните наоди за „мека коса“, термин измислен за опишување на некои информации на честичката што би можеле да бидат оставени околу хоризонтот на црната дупка - точка во која ништо не може да се види и ништо не може да избега.

- Во 2016 година Стивен, Енди и јас откривме дека црните дупки имаат бесконечна колекција на она што го нарекуваме „мека коса“. Ова откритие ни овозможи да ја доведеме во прашање идејата дека црните дупки доведуваат до кршење на законите на физиката - пишува Пери, професор по теоретска физика на Универзитетот во Кембриџ.

- Стивен продолжи да работи со нас до крајот на неговиот живот, а сега објавивме документ во кој се опишани сите наши размислување за ова прашање. Трудот го сумира статусот на нашиот долгорочен проект за големите дифеоморфизми, меката коса и квантната структура на црните дупки - додаде тој.

Друг постхумно објавен труд, во коавторство со Томас Хертог од Универзитетот „Лувен“ во Белгија, ги преиспита теоретските карактеристики на Биг бенг со нови математички примени. Неговата финална верзија била поднесена 10 дена пред да почине.

Исто така, Хокинг има објавено многу популарни книги што на читателите им овозможиле да му се придружат во испитувањето на мистериите на универзумот. Неговата книга „Кратка историја на времето“ беше продадена во повеќе од 10 милиони примероци.

Во 1963 година, непосредно пред неговиот 21. роденден, му била дијагностицирана амиотрофична латерална склероза, невродегенеративна болест, и иако беше во инвалидска количка, животот на Хокинг траеше многу подолго од првичната прогноза.