Радоста на децата кога слушнале „добро утро“ на мајчин јазик - приказната за првото училиште на македонски во Подвис

Радоста на децата кога слушнале „добро утро“ на мајчин јазик - приказната за првото училиште на македонски во Подвис

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во селото на татко ми - Подвис, Кичевско, е отворено првото слободно училиште на македонски јазик, на 23 септември 1943 г. Ова ми го има раскажувано татко ми Драган Дамјаноски, како еден од првите ученици во него. Во 1943 г. сѐ уште траела војната, но Копачијата била една од првите што биле блиску до ослободување. Важно е да се спомене дека тоа е во 1943, значи речиси една година пред одржувањето на АСНОМ во август 1944, истакнува Владо Дамјановски, кој се залага за обнова и уважување на објектот на првото училиште на македонски јазик


Есента 1943 г. во селото Подвис почна со работа првото слободно училиште на македонски јазик. Зградата од првото училиште сѐ уште постои во старото село, но како и секој друг објект од тоа време, чии темели се во села без жители, полека тоне, се смалува, се распаѓа...
Иако е историски споменик, подлога на македонското образование, ретко кој ја препознава важноста на ова училиште на македонски јазик, уште поретко се вреднува.
Владо Дамјановски е еден од поборниците за обнова, уважување на првото училиште на македонски јазик. Тој раскажува од спомените на татко му - дека вистинска радост било да се учи македонски јазик во тоа време, додека уште траела војната.



Подвис е основоположник на македонското образование

- Во селото на татко ми, Подвис, Кичевско, е отворено првото слободно училиште на македонски јазик, на 23 септември 1943 г. Ова ми го има раскажувано татко ми Драган Дамјаноски, како еден од првите ученици во него, но исто така го имам слушано и од негови соученици, кои ги сретнував како дете. Да ги потсетиме младите кои можеби не знаат, во 1943 г. сѐ уште траела војната, но Копачијата била една од првите што биле блиску до ослободување. Важно е да се спомене дека тоа е во 1943 г., значи речиси една година пред одржувањето на АСНОМ, во август 1944. Според мене, ова е еден мал, но важен доказ, кој говори против сегашните небулози од соседна Бугарија - дека јазикот ни е создаден токму од времето на АСНОМ. Татко ми учел македонски мајчин јазик од мајка му Стојанка и татко му Миле, а тие од нивните родители. Не ми е познато дали училиштето имало име, како што денес имаат училиштата, се викало едноставно „школо“ - ни раскажува Дамјановски.
Повеќето од првите ученици дечиња биле подвижанчиња и според неговите сознанија, биле околу 23.



- Сакам само да разјаснам за оние што никогаш не биле во Подвис, а верувам тоа се повеќето ваши читатели, зградата на ова училиште се наоѓа во старото село, горе во планината, недалеку од старите живеалишта/куќи. Некаде во 70-тите години речиси сите подвижани градат нови куќи и се преселуваат кон подвишките рамнини, околу течението на реката Треска.

Има(ше) и едно поново училиште во рамнинскиот дел, во кое и јас учев прво одделение, во далечната 1963 година. Во старото село остануваат црквата „Свети Атанас“ и гробиштата, кои и ден-денес селаните ги посетуваат да запалат свеќа за починатите и да се помолат. За голема жал, зградата на оригиналното старо училиште се распаѓа и е оставено на забот на времето.
За жал, истото се случува и со зградата од „поновото“ училиште во рамниците на Подвис.
Јас имам пишувано до скоро сите влади на самостојна Македонија, до сите министри за образование, премиери и претседатели. За жал, никој ниту ми одговорил ниту нешто презел да се спаси барем историското училиште од целосно распаѓање. Подолу е документарно видео направено од Стојмир Симјаноски од Македонската телевизија, во 2006 г., многу важно за македонската историја. Во негo ќе ги видите искажувањата на преживеаните ученици, вклучувајќи го и татко ми Драган, бидејќи тогаш беше жив - споделува Дамјановски.




Претходно во Подвис се учело на српски јазик

Да се посетува училиште во 1943 година било многу возбудливо за децата.
- Татко ми кажуваше дека училиштето постоело и пред војната, но во него се учело на српски јазик бидејќи пред војната сме биле во составот на кралството Југославија. На првиот ден при почнувањето на мајчин македонски јазик, учителот Василко Ристески им рекол: „Деца, отсега натаму ќе си учите на вашиот мајчин македонски јазик, и нема веќе да се презивате на -иќ, туку на -ски.“ За татко ми и сите негови соученици, било возбудливо што секојдневното поздравување ќе си биде со „добро утро“ и „добар ден“, а не како порано на туѓ јазик. Можеби тоа денес изгледа смешно, но можноста да се учи на мајчин јазик била огромна радост. Исто така, татко ми се сеќава дека при влегувањето на учителот во училница, тој поздравувал со: „Смрт на фашизмот“, а децата одговарале: „Слобода на народот“.
Пишувале на мали таблети, со „крижалиња“ (кредички), затоа што немале тетратки и моливи. На една страна се учеле букви, а на другата од таблетите математика - се присетува Владо.



Подоцна е изградено ново училиште

Дамјановски е роден во Скопје. Неговите родители се преселиле од Подвис во Скопје, во раните 50-ти години. Тој иако веќе 34 години живее во Кијама, Австралија, се грижи за заштита на училиштата во Македонија.

- Јас сум роден во 1956 г. и токму кога требало да појдам прво одделение, на 26 јули 1963 се случува трагичниот земјотрес во Скопје (кое многу убаво го памтам), и моето училиште било срушено. Така мајка ми и татко ми ме праќаат во Подвис за почеток на моето школување, каде што живеев со баба ми, дедо ми и тетка ми. Затоа Подвис ми е како родно село, иако сум роден во Скопје. Моето прво одделение беше во клас заедно со ученици од прво до четврто одделение. Тогаш научив да читам и да пишувам, но исто така слушав понапредни работи кои беа наменети за другарчињата од трето и четврто одделение. Најинтересни ми беа зимските денови и одењето на училиште во снег.
Бидејќи селото беше во планината, околу еден и пол километар, во зима најбргу се стигнуваше со чантата како на санка до долу. Одењето дома, во половина метар снег, беше многу понапорно, и завршуваше со „жива вода“ облека - раскажува Дамјановски.

Тој одел во училиште во Подвис, но не во истиот објект.

- Кога тргнав во прво одделение во Подвис (1963) бев во тогаш поновото училиште, кое се наоѓаше во рамнинскиот дел, недалеку од реката Треска. Во него доаѓаа дечиња и од околните села, кои пешачеа по неколку часа. И веројатно како рамнинско училиште, за дечињата од околните села беше попрактично да доаѓаат во него, а не во селото горе, во оригиналното старо училиште. Старото училиште си постоеше, и се сеќавам ние, учениците од Подвис, во него организиравме приредби за Нова година и Први мај во 1963/64. Најжално е што и таа (понова) зграда е речиси распадната, не само горното школо. Значи се работи не за едно, туку за две комплетно запоставени згради, од кои горната е историска. Би сугерирал на кој било министер за образование, а и премиер, сегашен или иден, најпрво да ги посетат сите училишта низ сите села во Македонија и да видат во каква состојба се. Ако Подвис има две, од кое едно е од исклучителна историска важност, а и двете се целосно распаднати, колку ли има слични трагедии во остатокот на Македонија - истакнува тој.



Треба да се заштити со закон


Додава дека ваков споменик на историјата и културата во која било друга земја би бил одамна реновиран и зачуван како еден од најважните културни и историски споменици.
А денес нема ниту асфалтен пат до него.

- Знаете овде, во Австралија (а сигурен сум дека е исто и во Германија и Англија) историските згради се заштитени со закон. Не само што се експертски реновирани, туку каков било додаток кој ќе го наруши оригиналниот стил со закон е забранет. Да не зборуваме ако некој намерно го оштетил или запоставил - тој ќе одговара и кривично. Колку што знам, најдов и еден исечок од весник од 2014 г. дека тогашната влада распишала конкурс за ревитализација на првото училиште, но еве денес сме 2021 - ништо не се случи - споделува Владо.


Владо Дамјановски

Тој се залага за обнова на училиштето подолго време.
- Со сестра ми Наде веќе подолги години се обидуваме на различни начини да најдеме поддршка и интерес за обнова на училиштето. Малку е потешко од далеку, ама сепак се организираме колку што можеме, но очигледно сами не можеме да го реновираме. До пред некоја година црквата „Свети Атанас“ беше во лоша состојба и селаните почнаа да ја реновираат онолку колку што можеа, но немаше доволно средства да се доврши. Јас собрав донации и ставивме убав иконостас. Сега црквата е многу убава и спасена. Интересно е што научив дека таа е една од постарите цркви во регионот, датира од времето кога Подвис било населено од старите жители на Закамен (денешна Малесија, ридско-планински предел во Западна Македонија, карактеристичен по својата историја, етнологија и култура), кое целосно било уништено од турскиот аскер околу 1730 година - вели тој.



Но патот не е асфалтиран и тешко се стигнува до црквата. А старото училиште се наоѓа уште повисоко во планината, над црквата.

- Мое лично очекување е да се реновираат двете училишта во Подвис. Да се направи асфалтен пат до црквата и до старото училиште. Да се постават патоказни табли покрај главниот пат за да го означат историскиот Подвис, и споменикот на македонски јазик. Би требало да се стават детали за овој споменик во сите учебници на сите јазици во Македонија, за идните генерации да не го заборават она што нивните родители го заборавиле, или не го знаеле. Исто така, мислам дека би било добра идеја 23 септември, денот кога почнало изучувањето на мајчин јазик, да се прогласи за државен празник на македонскиот јазик - апелира Владо.


Фото: приватна архива