Наградувана планинска дестилерија претворена во уметност: ода на кинеската филозофија

Наградувана планинска дестилерија претворена во уметност: ода на кинеската филозофија

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Современата архитектура сè повеќе ги замаглува границите помеѓу традицијата и иновацијата, што го потврдува и проектот „Чуан Малт виски дестилери“ во Кина, кој се издвојува како ремек-дело кое ги обединува природната убавина, духовната длабочина и функционалниот дизајн. Сместена во подножјето на планината Емеи во покраината Сечуан, оваа импресивна зграда не е само индустриски комплекс, туку и културен споменик кој ја слави вековната традиција на производство на виски низ призмата на кинеската филозофија, уметност и пејзаж.

Архитектонското студио „Нери и Ху“ со седиште во Шангај, познато по својот софистициран пристап кој ги обединува модерното и традиционалното, е одговорно за дизајнот на дестилеријата. Целта не била само да се изгради простор за производство на виски, туку и да се создаде место кое ќе ја одразува душата на регионот, неговите природни карактеристики и духовно наследство.



Планината Емеи, која се наоѓа на списокот на светско наследство на УНЕСКО, е позната по својата прекрасна природа и богата историја. Токму овој пејзаж бил инспирација за концептуалната основа на проектот - спојот на планината и водата, или основната филозофија на јин и јанг. Оваа идеја проникнува во секој елемент од дизајнот, симболизирајќи ја рамнотежата помеѓу спротивностите: традицијата и иновацијата, природата и индустријата, духовното и материјалното.

„Нери и Ху“ особено ја нагласуваат важноста на водата, клучен елемент и во природниот пејзаж и во процесот на дестилација на виски. Елементите на водата се интегрирани низ целиот комплекс: од базени и фонтани, до драматични водопади во самите згради.

Внимателна архитектура

Зградата на ресторанот и барот е делумно поставена над брегот на реката. Во центарот се наоѓа отворен двор со уште еден елемент на вода - скалила по кои водата тече мирно, создавајќи базен што ја рефлектира планината Емеи. Тука има и платформа која нуди панорамски поглед на прекрасниот пејзаж, правејќи го искуството на посетителите незаборавно.

Дестилеријата за виски е пример за архитектонска филозофија што ја нагласува хармонијата помеѓу човекот и природата. „Нери и Ху“ успешно го превеле духот на местото во објект што го почитува минатото и ја слави иднината, сето тоа во контекст на сè попопуларниот кинески интерес за производство на виски. Овој проект докажува дека архитектурата може да биде повеќе од градба. Може да биде наратив, мост меѓу културите и ода на природата.

Извор: journal.hr

Фото: Instagram screnshot