Австралија ќе ги забрани социјалните мрежи за сите помлади од 16 години

Австралија ќе ги забрани социјалните мрежи за сите помлади од 16 години

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со цел да ги заштити австралиските деца и млади од штетното влијание на социјалните мрежи, австралиската влада одлучи да воведе долна старосна граница за нивна употреба. По опсежни консултации со претставници, младите, родителите и старателите, академската заедница, експертите за детски развој, пошироката заедница, индустријата и невладините здруженија, како и локалните и државните власти, забрана за користење на социјалните мрежи на федерално ниво ќе се воведе за сите на возраст под 16 години.

Австралискиот премиер Ентони Албанес најавил дека наскоро предлог-законот, кој ќе го регулира ова прашање, ќе биде испратен на усвојување во парламентот. Откако ќе биде усвоен, социјалните мрежи, како и комесарите за безбедност на децата во таа земја, ќе имаат преоден период од најмалку 12 месеци, во кој ќе можат да се приспособат на новите прописи. За тоа време, владата ќе ги создаде сите потребни насоки за родителите и старателите и за самите деца.

Владата, исто така, најавува дека ќе се погрижи младите Австралијци да имаат пристап до услуги кои првенствено обезбедуваат образовни и здравствени услуги и ќе работи конструктивно со сите засегнати страни за да се осигури дека децата под 16 години можат да пристапат само до услуги кои ги исполнуваат строгите критериуми. Иницијативата за забрана на социјалните мрежи е најнова во низата активности што ги спроведуваат во насока на заштита на децата на интернет. Досега веќе пропишале методи за проверка на возраста на корисниците, креирале код за апликации за запознавање, криминализирале несакани „дип фејк“ видеа со порнографски содржини и вовеле строги казни за нивно ширење. Секако, ги зголемиле и буџетските средства за безбедност на децата на интернет.

Законот за забрана на социјалните мрежи за лица помлади од 16 години предвидува дека последиците од неговото прекршување ќе ги сносат самите интернет-платформи.

- Социјалните мрежи се одговорни за безбедноста на нивните корисници, а овој закон е еден начин да се повикаат на одговорност - со значителни казни за секое прекршување на законот - објавила федералната влада.

Нема да има казни ниту за самите корисници кои би ја прекршиле забраната ниту за нивните родители, туку целиот товар на имплементација е префрлен на технолошките компании.

Интересно, покрај очигледните платформи што ќе ги опфати оваа забрана – „Тик-ток“, „Фејсбук“, „Х“ или „Инстаграм“, законот најверојатно ќе го опфати и „Јутјуб“, според најавите на министерката за комуникации Мишел Роланд. Но, ќе има исклучоци, на пример, користење на „Јутјуб“ без најавување и потврдување на идентитетот, што би можело да е дозволено.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik