Научниците открија необичен феномен - пингвините го забрзуваат топењето на Антарктикот

Научниците открија необичен феномен - пингвините го забрзуваат топењето на Антарктикот

Изметот од пингвините има неочекувана улога во забрзувањето на процесот на топење на снегот на Антарктикот бидејќи директно ја поттикнува експанзијата на зелените алги кои апсорбираат значително поголема количина сончева енергија во споредба со црвените алги, покажа најновата студија на научниците од Универзитетот во Колорадо.

Резултатите од ова истражување, објавени во престижното научно списание „Џурнал оф геафизикал рисрч: биогеосајенсес“, а кои ги пренесува „Гардијан“, го открија механизмот со кој овие морски птици ненамерно ги менуваат термичките својства на белата покривка.

Како гваната ја менува бојата на снегот: од црвена во зелена

Снежните алги се микроскопски едноклеточни растенија способни да преживеат во најекстремните услови на планетата. Нивното однесување и боја директно зависат од количината на достапни хранливи материи во опкружувањето:

Кога во снегот нема доволно нутритиенти, алгите произведуваат заштитни црвени пигменти кои ги чуваат од јакото сончево зрачење и воедно го забавуваат нивниот раст и ширење. Но, пингвините со своето движење го разнесуваат изметот, односно гваната богата со органски материи. Во такво, нутритивно богато опкружување алгите почнуваат молскавично да се размножуваат, а во нивните клетки доминира зелениот пигмент хлорофил, клучен за интензивна фотосинтеза.

Зелениот снег посилно ја впива топлината


Климатскиот проблем настанува во моментот кога зелените алги ќе ја преземат доминацијата над снежните пространства. За разлика од чистиот бел снег кој одбива најголем дел од светлината (висок албедо-ефект), или оној прекриен со црвени алги, снегот во кој доминираат зелени алги апсорбира значително повисоко ниво на сончево зрачење. Последователно, снежните површини побрзо се загреваат и топењето на мразот се забрзува.

Истражувачкиот тим, под водство на Алија Кан од Универзитетот во Колорадо, детално ги анализираше примероците од снегот покрај бреговите на Западниот Антарктички Полуостров - споредувајќи ги локациите каде што живеат колонии пингвини со подрачјата каде што ги нема. Резултатите потврдија дека концентрацијата на зелени алги е во директна корелација со присуството на птичјото ѓубриво.

Авторите на студијата предупредуваат дека овој биолошки феномен воопшто не е пресметан во глобалните климатски проекции за топењето на антарктичкиот мраз и порастот на нивото на морето.

Опасноста лежи во фактот што поради општиот раст на температурите, колониите пингвини би можеле да започнат миграции подлабоко кон јужните, досега недопрени и постабилни делови од континентот. Со ширењето на нивните живеалишта би се ширело и присуството на зелените алги, што би можело да покрене нова, неконтролирана реакција на забрзано топење на антарктичката ледена покривка.

Извор: бука
Фото: